Познатиот фотограф и режисер на музички спотови Дејан Миличевиќ неодамна зборуваше за својот живот, израснат без татковска фигура, за односот со мајка си и за влијанието на семејната историја врз неговите ставови за родителството и кариерата.
Иако со години е присутен во јавноста, деталите од неговиот приватен живот ретко доспеваат во медиумите. Миличевиќ откри дека татко му го напуштил кога имал само 20 месеци, поради што неговата мајка Сончица ја презела улогата на двата родитела.
Објаснувајќи како мајка му успеала да се избори со сите неволји и да го изгради како вреден и праведен човек, Дејан Миличевиќ нагласи дека со неа и денес негува посебен однос и секојдневна традиција.
– Никогаш приватниот живот не ми се одразувал на работата, тој ниту постои, мојот живот е јавен. Приватно се гледам со неколку пријатели и со мојата мајка која живее спроти мене. Ритуал ми е со неа да испијам кафе, да го претресеме денот, да ѝ го укажам тоа почитување бидејќи имав 20 месеци кога татко ми нè напушти, таа беше и мама и тато. Се бореше со сите животни неволји и успеа да изгради од мене човек кој е праведен, работен и вреден.
И покрај тоа што родителите не живееле заедно, Миличевиќ истакнува дека не бил целосно отсечен од својот татко. Редовно го посетувал татко си и се дружел со своите полубраќа, од кои имал поддршка, додека татко му често пати бил отсутен поради работа и патувања.
– Јас одев кај својот татко, се дружев со полубраќата, не бевме ние целосно одвоени. Секогаш имав поддршка од тие мои браќа, а помалку од него. Тој секогаш патуваше, работеше, секогаш имаше некои работи за завршување и секако дека тоа се чувствува. Таткото како татко треба да постои, да биде тука во одраснувањето на еден млад човек и дефинитивно има многу празнини, но фала му на Бога што мајка ми успеа таа љубов некако да ја надомести и да го ублажи тој недостаток на татковска фигура.
Недостатокот на татковска фигура во детството директно го обликувал неговиот став кон сопственото родителство. Миличевиќ порача дека не планира да се оствари во улогата на татко, туку целата своја креативна и родителска енергија ја насочил кон професионалната работа и авторските дела.
– Да имав планови да имам свое семејство и да имав планови да се остварам како татко, сигурно дека не би дозволил такво нешто. Сигурно не би се однесувал како што тој се однесуваше кон мајка ми, кон мене и кон сите членови на семејството. Од сега па засекогаш сум соло играч, без желба да се остварам како татко. Треба да работам и да бидам ова што сум, сите мои дела всушност да бидат мои деца, да ги одгледувам и да бидам среќен кога за 20-30 години ќе ги погледнам тие мои деца, тој мој минат труд, и да видам дека се преубави. Таму се проектирав себеси. Преку кариерата и работата се остварив како татко.
Осврнувајќи се на повеќедецениската кариера на естрадата, фотографот отворено зборуваше за тоа колку искреноста може да чини во јавната професија и зошто е важно да се прилагодиш на правилата на играта.
– Искреноста чини, но ти во оваа работа не можеш да настапуваш целосно искрено, мораш да играш, да бидеш манипулатор, а јас сум фантастичен манипулатор. Со својата искреност би ја завршил кариерата за една година. Ти мораш да бидеш опасен манипулатор и да глумиш некое лудило. Кога си во четири ѕида, ти најдобро знаеш колку си искрен и дали сè тоа што го работиш има емоција. Секој што зборува дека е максимално искрен и дека е таков каков што е и дека сè тоа што го прави, го прави од најискрени побуди – лаже. Сите тие фори, искрена љубов, секој однос меѓу две личности, пријателски, љубовен, деловен, е игра, корист, каква и да е користа. Секогаш играме некоја игра. Гледаме некоја перспектива низ тој однос.
фото:Instagram printscreen/dejan_milicevic







