Даниел Кајмакоски по подолго време е во Македонија. И тоа не сам и работно, туку со семејството сосема приватно.
Тој со сопругата со која одново чекаат принова што го покажаува поднараснатото трудничко стомаче на Марина и со синчето Стефан дојдоа во посета на неговата родна Струга, а не го заобиколија ниту Охрид кој Даниел го обожава.
Но, кога е веќе во родното место пејачот со Х-фактор не ги заобиколува ниту пријателите, а ни традицијата. Струга е неговото родно место, поточно Мислешево, ама како што е познато од Струга е уште една, можеби во моментов и најголемата македонска пејачка фолк ѕвезда, единствениот Наум Петрески.
Случајна или наменска дружба сеедно, ама овие двајца пејачки мајстори токму во родниот крај остварија средба… И тоа не било каква, туку гурманска. Наум ионака е познат по гурманлукот и хедонизмот, Даниел можеби не толку, ама затоа вакво друштво не се одбива и тоа не на било кој ден, туку токму на големиот празник и именден на фолк легендата – летниот Св. Наум.
Има ли тогаш поубава можност за дружба на двајцата стружани, познати Македонци, музички мајстори и секако добри пријатели… Ем за празнично дружење, ем за именденско славење, а како и каде поинаку ако не во кафеана. Како Струга – нема друга творба, а и од струшката за нив двајца, нема поубава чорба! Многу извесно – рибја!
Затоа Наум Петрески и Даниел Кајмакоски заедно со неговото синче од вториот брак Стефан, не ја пропуштија ваквата прилика за едно видување по подолго време, за лаф муабет и гурманска закуска преточени во кафеанско честење со именденска честитка.
Но, освен со бремената сопруга и малиот Стефан, Даниел во родната Струга не е сам. Тука се и останатите членови, односно дел од семејството Кајмакоски. Поточно, неговата мајка Ружица и татко му Павле, кој е исто така музичар и со својата хармоника има настапувано на многу свадби и веселби на нашинците во Австрија, каде Кајмакоски се преселени пред многу години. Од него, како што е веќе познато, Даниел и ги наследил талентот и музикалноста.
Денот голем, убав , празничен, па има ли поголема среќа кога токму на ваков ден семејството распрскано на неколку страни по светот ќе се собере токму во родното место.
„Ти благодариме Господе што не благослови да бидеме заедно на овој прекрасен ден… во Струга, како фамилија, во Македонија“ – споделил пејачот на својот Инстаграм покрај заедничката фотографија од семејниот ручек.
Колку и до кога останува во Македонија, ќе има ли Даниел патем можеби и некој настап, засега останува непознаница. Она што е познато и со голо око се гледа е семејната среќа на фамилијата Кајмакоски!
Фото: Инстаграм/naumepetreski/daniel_kajmakoski