„Полека и сигурно, нашата Д заедница расте. Како дете кое го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и фестивалот тргнува по нов пат“, стои во објавата на организаторите на еден од најдолговечните и можеби најквалитетниот алтернативен македонски летен музички фестивал – „Д фестивал“ кој 14 години по ред се одржуваше на отворено во Дојран.
И токму за јубилејот, кога фестивалот треба да ја слави својата 15 годишнина, најавата на организаторот ги изненади сите. навидум ништо необично и чудно, зашто секој има право да „стопанисува“ како сака и со кого сака со она што е негова сопственост, во случајов фестивалскиот бренд! Се разбира доколку го поседува и официјално и формално правно, за што досега како таква во јавноста се потпишуваше скопската „Пасворд продукција“ (Password production).
Од оваа година, „Д Фестивал“ станува „The Festival“ и добива нов дом – градот Штип. Организаторите од „Пасворд продукција“ најавуваат дека јубилејното 15-то издание ќе се одржи од 4 до 6 јули, во нов амбиент – опкружен со планини и реката Брегалница, под величествениот Исар.
И навидум се изгледа како нова музичка бајка и тоа јубилејна, ама само навидум… До душа, од музички аспект веројатно и ќе биде, ама затоа зад оваа „Д фестивал“- ска преселба по се изгледа се кријат други тотално немузички нешта.
Имено, по најавата на „Пасворд продукција“ за дислокација на фестивалот, затекнати се нашле од досегашната општина домаќин – Дојран. И не само затекнати, туку и како што велат и изненадени и вчудовидени од ваквата одлука за која , според нивните кажувања никој не ги информирал дека „Д фестивал“ си оди, мигрира од Дојран!
„Изненаден сум од одлуката на организаторот на ,,Д Фестивал”, тридневниот музички настан кој традиционално се одржува во Дојран од 2011 година, без воопшто да ме контактира мене, како градоначалник на општината, да продолжи со организација на настанот во Штип, наместо во Дојран, вели дојранскиот градоначалник Анго Ангов во изјавата за ,,Фокус”.
При тоа Ангов кој е втор мандат е градоначалник на Дојран, а доаѓа од редовите на сега опозициската СДСМ, тврди дека општината сите овие години активно соучествувала во организацијата на фестивалот со свои ресурси. Од давање локација за одржување, паркинзи, преку плакаќање на огромните сметки за електрична енергија, па се до поддршка на конкурсот за финансирање проекти од областа на културата, односно манифестации и фестивали, на кој според Ангов, „Пасворд продукција“ за “Д фестивал“ добиле еден милион денари поддршка од Министерството за култура. Ако нивната одлука не се промени во наредните денови, а тие се решени да организираат фестивал во друга општина, градоначалникот на Дојран вели дека ќе ги превземеле сите потребни правни мерки, за да овие средства се искористат таму, за каде и првично биле доделени, а тоа е ,,Д Фестивал”, а не да отидат кај „The Festival“ во Штип, зашто како што самиот вели, „Д фестивал“ е традиција на Дојран и останува тука, без оглед на тоа која продукција ќе го организира!
Според досегашните случувања, ако организаторот „Пасворд“ остане доследен на новата одлуката да го дислоцира фестивалот, што е многу извесно, веројатно е извесен и правен спор со евентуална судска завршница?! Но, во сета оваа збрка, остануваат и неколку отворени прашања, како на пример зошто некој по 14 години би сакал да си замине и ја прекине соработката, ако досега му било убаво и сите договори биле обострано испочитувани?
Од друга страна, општина Дојран колку и да учествувала, дали со свои средства, или само со ресурси и услуги во самиот „Д фестивал“, општината сиве овие години повеќе од сигурно дека имала не само трошоци, туку и голем бенефит. Финансиски од наплата на туристички такси, сместувачки капацитети, угостителски услуги, трговија на стоки и услуги… и сето останато што подоцна преку даноци и друг вид на наплата ја полни општинската каса, но и ја зголемува туристичката понуда на градот, го крева рејтингот и имиџот на Дојран на туристичката мапа од секој можен аспект.
Фото: Инстаграм/angoangov/Password production