По фашистичката агресија од Германија и Бугарија и окупацијата на кралска Југославија во 1941 година, под чија окупација тогаш била Македонија, таа повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор.
За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршил во Прилеп на 11 октомври 1941 година, во кој учествувале 16 партизани, во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
По изведените акции сите три групи, во текот на ноќта, се повлекле без губитоци на зборното место Средоточна вода додека во градот сѐ уште се слушале истрели.
Групата се обучувала во близина на Марковите Кули, а располагале со дваесетина пушки, неколку бомби, 300-400 куршуми, леб и други намирници. Во текот на нападот со три куршуми бил убиен стражарот Петар Дамев Колев , додека тражарот Стојан Иванов Георгиев бил ранет во левата нога и во градниот кош пред полициската станица.
Вооружени дејствија имало и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред.
Во чест на 11 Октомври како датум на почнување на востанието во Македонија, во Прилеп секоја година спроти празникот се одржува импровизиран напад на градот, како потсетување на историските настани на тој ден во 1941 година.
По повод празникот 11 Октомври во Република Македонија традиционално се доделуваат наградите „11. Октомври“ за животно дело. Со оваа државна награда се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата, но може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.







