Бура од емоции , но и позитивни коментари после одличното претставување на младата музичка ѕвезда Антониа Гиговска на годинешното 39. издание на фестивалот “Макфест”, кој се одржа изминатиот викенд во Штип.
Антониа се претстави со песна на автрскиот (музика и текст) братско-сестрински тандем Лазар и Магдалена Цветковски, кои уште еднаш направија совршено музичко ремек-дело. Песната носи моќен и едноставен наслов – “Жена”, а Антониа блесна со нејзината интерпретација и ја воодушеви публиката во домот на културата “Ацо Шопов”, како и гледачите пред домашните ТВ екрани.
“Пресреќна сум што “Жена” успеа да допре до многу луѓе. Возбудена сум што добив комплименти од многу жени и искрено тоа многу ме радува. Ова е многу посебна песна за мене, таква и ќе остане. Секоја жена треба да биде сакана, почитувана, заштитена, а тоа го може само вистински маж, затоа што право машко знае како треба да се сака и почитува една жена. Тоа и беше пораката што сакав да ја испратам. Пораката е дека ако еден маж не знае да сака и почитува, жената со тек на време ќе се претвори во кукла без емоции. Жена што е само присутна.
Ова не е само моја приказна, ова е приказна на секоја жена, ова се приказни на жени што во изминативе неколку месеци успеав да ги слушнам и да бидам сведок на ситуациите, со кои некои мои пријателки се соочувале. Не ја сакаш само ако и кажеш – “Те сакам”, ја сакаш ако ја почитуваш, заштитиш. Жената не мора да биде силна иако секогаш сме многу појаки од мажите, но онаа силна страна, посилна половина треба да биде мажот… Да ја гушне и да и каже: “Се ќе биде добро” – вели Антониа, која посебно ја радува што песната е веќе втор ден во TRENDING #11.
Инаку за “Жена”, Антониа со својот тим од соработници сними и одличен видеоспот под режисерската палка на Даниел Јовески.
Во него покрај Антониа се појавуваат уште неколку моќни “Жени”… Погледнете, уживајте и пронајдете се… во нејзината „Жена“.