Промотер

Александра Трајческа со необична преработка на македонскиот евергрин – „Еден бакнеж“ (ВИДЕО)

Александра Трајческа со необична преработка на македонскиот евергрин – „Еден бакнеж“ (ВИДЕО)

„Еден бакнеж“ е несомнено една од оние безвременски песни кои се слушаат за навека. Македонскиот евергрин, со кој Нина Спирова ќе ја освои првата награда на фестивалот „Опатија“ во 1962 година. Автор на стиховите со универзални љубовни пораки е писателот Христо Крстевски (1941-2013) кој текстот го напишал кога имал само седумнаесет години, додека музиката е дело на композиторот Петар Пешев. Песна која била изведена во многу верзии и доживеала мноштво аранжмански трансформации, но секогаш останала безвременска.

Можеби токму затоа во костец со ваква тешка задача се фатила и младата македонска поп, џез и блуз пејачка, Александра Трајческа, која е позната и како придружен вокал на прилепскиот „Crossroad Blues Band“ но и како соло изведувач, која најпрвин победи на македонското музичко талент шоу „Заблескај“, а потоа и блесна на минатогодишниот „Макфест 2023“.

Овој пат во аранжманско видување на Васил Ангелов и Иван Митковски, продуцирана во студио „Лофт“, отсвирена во џез/босанова стил, овој пат „Еден бакнеж“ звучи сосема поинаку, а сепак толку свежо, сензуално, романтично и љубовно… како да е вчера напишана.

Се разбира за сето ова покрај музичката матрица најзаслужна е и самата пејачка, чиј суптилен, мек и нежен, а сепак толку моќен вокал ги бранува сите сетила, создавајќи ви атмосфера која сте ја доживеале во највљубените мигови од животот.

 

Едноставно Александра Трајчевска е еднакво маестрална во изведбата како и онаа оригиналната на Нина Спирова, но оваа на себесвојствен начин. Со лична експресија која младата црвенокоса и ја вдахнала на песната за да звучи ем безвременски ем современо!

На целата атмосфера се надодава и едноставниот, но мошне ефектен видеозапис кој го потпишуваат авторите на музичкиот аранжман на песната, која аудио-видео пакетот го чини уште помагичен, а аудиовизуелното задоволство безгранично… и бесценето.

„Еден бакнеж“, за милиони вљубени срца… За своја душа и вашите уши, во малку поинаква кавер верзија во изведба на Александра Трајческа, во продолжение:

 

 

 

 

To top