Новата Година е на прагот… Само што не зачекорила. Тековнава 2024-та полека си заминува, онака ни навлажнета, ни сува, малку лигава од дождот, малку лизгава од сиромашното снегче по планините… Ама, како и да е ред е да ја испратиме како и секоја претходна.
И додека сите се подготвуваат за испраѓање на тековната, новинарот и ТВ водител на утринската програма на ТВ Сител „Ја сакам Македонија“ – Александар Блажевски заедно со колешката Јована уште рано наутро, впрочем како и секое утро, уште со првите петли тргнаа да си ја тераат работата.
Штом се преслуша и сфати дека се е под контрола, водителот седна до колешката покрај елката и додека одеа рекламите, а тие чекаа да почнат, во студиото се појави тој…
Кој друг ако не најпосакуваниот дедо на светот, кој секогаш ова време доаѓа од далечната Лапонија или од Северниот Пол, во зависност дали доаѓа од дома или од викендичката.
Возбудени од глетката како мали дечиња, водителите на утринската веднаш посакаа да се сликаат со Дедо Мраз. Само прашањето беше кој прв ќе влезе во кадар?
Како понежниот пол оддамна веќе не е само тоа, колешката онака дискретно, а всушност баеги конкретно го „склони од кадарот“ колегата, па со насмевка си направи фотка на дистанца со најпосакуваниот дедо.
Арно ама, Блажевски не е така наивен, за толку евтино да биде надитрен, па си скова план. Ќе го чека Дедо Мраз надвор пред телевизијата веднаш по емисијата. И го начека… И тоа во холот, па не само што си направија заедничка фотографија, туку им тргна и разговорот.
Исто како да му е гостин во емисија, Александар Блажевски се впушти во новинарска мисија да го прашува и распрашува, како стојат работите по светот од Северен Пол до Лапонија, а Бога ми и во Македонија?
Зашто Дедо Мраз како најпрошетан е најрелевантен да го консултира за да му даде одговор, дали водителот може на него со сигурност да смета, дека ќе му ја донесе 2025-та?
За да не му крши атер, Дедо Мраз тргна да му раскажува дека Новата Година мора да дојде, оти така е кажано и по Нострадамус и по Бадинтер! И тука ја утна работата! До душа ако е по овој првиот и Новата и Бадник и Божиќ, сигурно ќе дојдат со гаранција, на што се израдува целата нација. Ама ако е по Бадинтер… и Новата 2025-та ќе ја чекаме уште 35 лета?
Зашто веднаш по осамостојувањето во 1991-та истиот тој Бадинтер кажа дека само Македонија и Словенија се „туто-комплето“ подготвени веднаш за влез во Европа. Словенците моментално и ги примија, а нас…? Не извисија! И така до ден денешен, Бадинтер божем да ни направи атер, па и ние да почувствуваме некој благодет од „европската бајка“ кога тоа Европата… Ни „расплака мајка!“ И се ‘ уште тоа го прави! Затоа, да сме живи и здрави… Колку ова да не е фер сепак 2025-та ќе си дојде… и без Бадинтер!
Среќни празници од Дедо Мраз и насмените водители!
Фото: Инстаграм/jovana_na_na_na/blazhevskialeksandar