Во последното издание на интер ток шоуто „Ништо лично“ кај Антонио Димитриевски поткаст гостин беше македонскиот музичар и илузионист, Ѓорѓи Гавровски, попознат како Гого – Реквием.

Македонец од семејство кое има струмичко потекло, роден во Загреб, престолнината на Република Хрватска, кој штом ќе влезе во своето полнолетство, решава да дојде да живее во татковината на своите предци – Македонија!

Во Скопје никого не познава, па за да преживее работи разни работи, но откако запознава група музичари го формираат нивниот бенд „Реквием“ во кој и ден денес пее и со кој музицира. Оттогаш наваму имаат мноштво песни, безброј настапи по локалите, кафулињата и клубовите ширум Македонија, но и надвор од неа.

Паралелно со својата музичка дарба, по една ТВ емисија на некогаш популарниот српски магионичар Биг Лале, тој во себе ќе ја открие и желбата и дарбата за занимавање со илузијата и илузионистичките трикови, собено со оние „одблизу“ (close up magic), во кои ќе се специјализира како менталист!

Учествува и на бројни натпревари и првенства, а во 2013 ќе стане и балкански првак, а нема да остане незабележан и од некои од водечките луѓе на оваа непризната уметност во светот, па така во 2014 еден од челниците на единствената академија за магија и илузија во светот, лоцирана во „градот на гревот“ Лас Вегас во САД, ќе го поканат да биде нивен стипендист, но и предавач. Таму ќе го запознае и еден од најголемите, а секако и најпознатиот изведувач на големата магија, Дејвид Коперфилд.

За впечатоците при средбата со „кралот на големите сценски илузии“ и неговата реакција при запознавањето со Гого, како и што тоа Коперфилд му побарал да направи, слушнете од самиот гостин на 01:16 минути, но секако погледнете го целиот поткаст во продолжение, а него како и сите други досегашни изданија на „Ништо лично“ ќе ги најдете во секое време, 24/7 и тоа 365 дена во годината, ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (.






