„Навикни на промени“ е новиот двоен албум на музичарот Никола Јанков-Коки, кој треба да излезе за неколку месеци. Албумот е насловен по една од песните на дуото „Дуле и Коки“, снимена во 2006.
„Секоја недела ќе излегуваат по две песни и два спота на дигиталните платформи и на Јујтјуб. Целиот албум ќе биде достапен на дигиталните платформи кога ќе се промовираат сите 20 песни. Ова се обработки на хитовите кои ги снимивме заедно со Дуле, има и песни кои ги испеав со групата ‘Тајфата‘ и некои нови. Песните премиерно ќе се испеат на концерти наесен во Скопје, како одбележување на јубилејот 30 години од победата на ‘Дуле и Коки‘ на Макфест со ‘Виолина и гитара‘“, ни рече музичарот, кој е наставник по виолина во Музичкото училиште во Штип.
View this post on Instagram
За песната „Виолина и…“ тој во јануари сними анимиран спот направен со помош на вештачка интелигенција. Песната ја испеа лани на Макфест во чест на неговиот пријател и колега од дуото „Дуле и Коки“, Душан Љубисављевиќ, кој почина на 23 септември 2013. Спотот го работеше Ефтимија Јовановска. На јубилејниот Макфест, кој прослави 40 години, Јанков ја отпеа и „Виолина и гитара“ на ревијалната вечер.
Автор на новите аранжмани на песните од албумот е Темелко Андреев.







