Се помалку не има… Тажна констатација која ќе ја слушнеме кога некој што го знаеме ќе замине од овој свет, особено ако е во прашање некој кому не му е време, или пак некоја позната личност. Тогаш нацијата тоне во колективна жалост, социјалните мрежи се претвораат во „некролози“, а насловниците на порталите во „Ин мемориам“ вести! Тогаш сите тагуваат, го жалат и фалат, сите споделуваат сеќавања преку заеднички фотографии и видеа, се редат постова за тоа, „ех каков човек беше“ покојниот…
Арно ама се запарашал ли некој, а какви бевте вие, сите ние кон него, пред да замине на оној свет? Зошто додека е жив не го опсипете со комплименти, убави зборови, пофалби… туку истите „алчно ги чувате“ за да му ги изнаредите, откако ќе умре? Одговорот е е веројатно единствен: Зашто тоа го правите заради себе, а не заради него! И што е уште полицемерно, тоа трае ден-два и потоа починатиот оди во колективен заборав. Остануваат да тагуваат само најблиските, а нацијата преку некои од медиумите можеби и ќе се сети на поединци само на годишнината од нивното заминување.

Токму ваквото „колективно лицемерие“ ја инспирирало македонската ТВ водителка Снеже Велков да го сподели во стихови она што и лежи на срце , а е сурова реалност и вистина и е посветено на сите оние кои заминаа а не ја добија вистинската потврда за својата големина… додека беа живи!

„Чудно е како бoлеста ги разубавува а смртта ги пораснува луѓето.
Та ги величаме само кога ќе си отидат а ги фалиме кога ќе се разболат.
Ги разубавува ли болеста луѓето или прокленицата ни ги отвара очите за доблестите и вредностите за честа и посебноста?!
Срамота за нас.
За вас.
За нив.
Што не знаеме на човека убав збор да му кажеме дур е ист наспроти нас!
Стана ли по кревок и поранлив од нас- тогаш сета убост му ја величаме.
Проклети сме ние луѓето оти само на маката од уста благост даваме.
Срамота е што нечие отсуство ни потврдува колку ни било битно нивното присуството..
Посветено на сите оние кои заминаа а не ја добија вистинската потврда за својата големина“.

Фото: Инстаграм/velkovsneze






