Ништо лично ништо лично

Случај Аца Лукас: Кога ќе чепнете во осилото и трутовите почнуваат да брмчат!

Случај Аца Лукас: Кога ќе чепнете во осилото и трутовите почнуваат да брмчат!

По Цеца и бугарското знаме на сцената, не чекавме долго да ни се случи уште еден естраден скандал… Овој пат во фокусот на медиумите и  јавноста приведувањето на Аца Лукас среде настап во кафулето „Рома“ во Кавадарци.

За повеќето шокантно, скандалозно, но за добро упатените сосема нормално и оправдано зашто законите мораше уште оддамна да се почитуваат, а однекаде мора да се почне. Случајно или намерно од настапот на еден од најконтроверзните балкански турбо фолк музичари и пејачи, е друга тема за дискусија.

Во Македонија со години влагуваат и излегуваат разно-разни естрадни фаци од регионот, најмногу од северниот сосед. Се организираат со нив  и за нив од најситни настапи по кафулиња за 50 души, до мегаконцерти за десетици илјади… И речиси сето тоа „на диво“.

Без дозвола за престој на странци и работна дозвола во земјава, без договор за настап, без платени авторски права на ЗАМП, без платен данок на државата, без плаќањето на хонорарите да оди на сметка, туку на рака во кеш! Естрадна „дива лига“ во која се изнесени стотици милиони, можеби и над една милијарда евра ако не и повеќе  во кеш надвор од Македонија за овие 35 години. И никој со прст ни да мрдне, никого „мува не го лази“, што „естрадната мафија“ бескруполозно и брутално ја ограбува државата.

А закони или има недоволно, а и нив никој не ги почитува, уште помалку спроведува и контролира.

Во минатото Министерството за култура беше тоа што на барање на организаторот на естраден настана со гости од надвор издаваше Согласност, а естрадните уметници сосе целата екипа домаќинот на ивентот требаше да ги пријави во Агенцијата за вработување како „странци привремено вработени на 24 или 48 часа“ во државата. Секако за сето ова се бараше да се достави соодветна документација како: Фотокопии од патните исправи (пасоши) на гостите, нивна биографија, т.е.  CV,  што досега снимиле и издале и кои песни ќе ги изведуваат на настапот… и слично. Фотокопиите од согласноста и работните дозволи организаторот требаше да ги достави во соодветна полициска станица во местото каде што пејачот или групата настапува. Подоцна ингеренциите ги презема друго министерство, за Економија ли ќе да беше(?), но ниту претходно во целост, особено не потоа законите се почитува, а процедурите вешто се избегнуваа. Некој не си ја работел работата или намерно „замижувал“, тешко дека од оваа дистанца може да се утврди.

Нејсе, закон за престој и работа на странци во Република Македонија, та биле тие и естрадни ѕвезди и денес постои. И првиот момент кога некој тргнал да го спроведе, она што треба да биде вообичаена рутинска процедура, некој друг се обиде да го претвори во скандал.

Евидентно е дека по трагедијата во Кочани, контролите во угостителските објекти, особено во оние каде што се организираат естрадни настапи се засилени, а правилата се јасни. Условите за работа и капацитетот, мора да се почитуваат, за не дај Боже да не ни се случи нова катастрофа.

Во целиот метеж кој медиумите блиски до Лукас и неговиот менаџер и бизнис партнер Саша Мирковиќ, кој патем е и сопственик на накои од нив како  Hype TV на пример, веднаш по приведувањето се јавија со небулозни изјави.  Станат од спиење среде сон, неговиот менаџер го прозва македонскиот политички врв и премиерот Мицковски, тендециозно посочувајќи ги како главни виновници, за намерно приведување на неговиот пулен Лукас!!?

За будалаштината да биде уште поголема, причината според Мирковиќ била тоа што Аца не наметнал бугарско знаме на себе како Цеца, туку македонско, при еден од неговите последни настапи во Македонија. Демек сакал да каже дека власта е поблиска со српската турбо фолк пејачка и нејзиниот менаџмент, отколку со него и Лукас, па затоа таа мина без последици, а Аца го симнаа од бина. Сарказам кој се граничи со нешто што е надвор и од умот и  здравиот разум.

При тоа безобразлукот следниот ден отиде до таму, што истиот тој  брутално политизирајќи го случајот побара јавно извинување од Мицковски и македонскиот политички врв и државата Македонија, сеејќи навреди кон нив, нарекувајќи ги телетабиси! Да не смешно, би било за греота, како што и е!

Оние на кои им е нарушен „комодитетот на недопирливост“ се исто како осите… Кога ќе им чепнете во осилото и трутовите почнуваат да брмчат!

Но тоа е тоа… Законот е закон и конечно е време да почне да се спроведува онака по сите правила и прописи.

Настрана надминатиот капацитет и загрозената безбедност во локалот-доколку ги имало, немањето дозвола за ваков настап на кафулето-ако ја немало, неиздавање фискални сметки при продажбата на влезници и ваучери со конзумации, нерегулиран престој на пејачот и екипата – нешта со што се занимавале надлежните инспекциски служби и МВР, Аца Лукас таа вечер во Македонија требало да промовира и сопствена крипто валута!?  Оттука прашањето, дали по ова нема работа и за финансиската полиција, УЈП или Народната банка на Македонија?

Патем, Лукас јавно се закани дека додека е оваа власт, никогаш повеќе нема да пее во Македонија!!! Дали не е време токму оваа власт „да му ја исополни желбата“ со „црн печат“ во пасошот и забрана за влез во истата таа Македонија која со децении тој  „ја ора уздуж и попреку“, жнеејќи стотици илјади евра, неретко во кеш на своето конто.

Впрочем и голем дел од естрадната јавност, а и мноштво естрадни уметници тоа го бараат… Аца Лукас и неговиот „газда“ Саша Мирковиќ да бидат прогласени за „персона нон грата“ во Македонија!

Фото: Вики.мк/Инстаграм/hypetv.mk

 

 

 

 

To top