Вчера, четврток, 16-ти октомври 2025, Македонија се прости од Панчо… Семејството, најблиските, другарите, бројни пријатели и колеги дојдоа да се простат од него, да го испратат кон вечното почивалиште. Панчо замина во вечноста која оддамна ја заслужи. За жал, прерано, како претходно и Андреј и останатите од бендот, како сите други чии млади животи згаснаа таа кобна ноќ во Кочани.
Судбината така сакаше денот на неговото испраќање да се поклопи со денот кога пред 18 години замина и Тоше. Токму затоа овој 16-ти октомври болеше повеќе од било кога… И уште долго ќе боли… На тоа потсетија многу нивни македонски колеги од естрадата и јавни личности, меѓу кои и блиската пријателка на ДНК, во моментов можеби нашата највлијателна инфлуенсерка и водителка, Миа Костова.

Споделувајќи го не така старото видеоклипче на своите Инстаграм приказни, на кое враќајќи се од настап, Панчо и придружниот вокал на ДНК, Сара Пројкоска во автомобилот ја пеат дует песната „Немир“ , што своевремено заедно ја испејаа Тоше и Каролина. Емотивно видео кое дополнително ги крши срцата, ја пара душата, со солзи ги полни очите… Зашто Тоше, Сара и Панчо, повеќе меѓу нас ги нема. Остануваат само сеќавањата и песните да не потсетуваат на овие големи музички уметниции и пред се’, прекрасни луѓе. И колку да сме сите ние неутешни по ваквите ненадоместливи загуби, во мислите ни лебди само едно, дека таму горе сепак има, постои нешто, па не сакајќи да се помириме со судбината, нашата фантазија не тера да помислиме и да си го замислиме она што и самата Миа Костова го споделила заедно со споменатото видео: „Сара и Панчо за Тоше… Замислете само како звучи небото денес“!
Имагинација која толку многу посакуваме да не беше тоа, туку реалност! Да беа овде и сега сите со нас, па за сите нас да запееја тројцата заедно во живо! Ама пустото, судбината знае понекогаш да биде непредвидлива, сурова, кобна, а реалноста за жал, болна и тажна. Како и што е, откако заминаа… А, со нив замина и згасна и младоста на многумина кои со нивната музика пораснаа. Меѓу другите и младоста на Миа Костова, која и самата тоа го почувствувала и споделила!
Фото и видео: Инстаграм/miandrija
Цртеж: Леонтина арт ’25





