По долго и тешко боледување, македонската естрадна сцена загуби една од познатите фигури. Почина пејачот Томе Влашевски, попознат како Томе – Кубата.

Роден е на 23 јануари 1959 година во Легница – Полска, а од 1964 година живее во Македонија. Завршил средно земјоделско училиште во Битола и факултет за физизичка култура во Скопје. Непосредно по завршувањето се вработил во тогашната ЈНА како референт за физичко воспитание, а по осамостојувањето на Македонија малку ќе поработи и во АРМ. Во 1996 год. бил отпуштен од АРМ како технолошки вишок, за никогаш повеќе да не работи на струката. Остатокот на животот и работниот век го минува како музичар. Како средношколец, активно тренирал атлетика и бил актуелен правак на Македонија во јуниорска конкуренција на 100, 200 и 400 метри…

Кубата беше еден од оние артисти кои оставија траен белег со својата изведба. Сними голем број песни, хитови што се пееле ширум Македонија и пошироко.

Повозрасната публика го памети уште од времето на почетокот на 80-ите години кога Кубата беше вокал на тогаш популарната поп група „Тост сендвич“ која го негуваше фанки и диско звукот. Во не а покрај идејниот творец и композитор Роберт Саздов – гитара, членови беа и Владо Јаневски кој тогаш не пееше туку беше тапанар, потоа денес познатиот политички аналитичар Агим Јонуз кој свиреше на перкусии и ги пишуваше текстовите, а бас гитарист беше Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование и наука во Владата на Република Македонија од редовите на СДСМ, кој подоцна се откажа од политиката и денес e универзитетски професор.

Во текот на периодот од 1980-81 година Кубата со „Тост сендвич“ имаше мноштво настапи, но и сними две авторски песни во тогаш единстеното музичко студио во Македонија, М1-во МРТ, насловени „Пред Ванила“ (тогашното своевидно корзо, т.е. собиралиште на младите во Скопје) и „Љубовна игра“ кои беа многу вртени на Радио Скопје.

Подоцна беше член на рок групата “Хомо сапиенс”, а Влашевски ќе остане запаметен и како прв пејач на групата „Молика“, за потоа да биде фронтмен на фолк групата „Бон Тон“ (нема врска со името на бендот на Дарио Панковски), со која ги испеа некои од најпознатите песни на македонската фолк естрада. Еден од нивните најголеми хитови е песната „Прости ми“, која и денес се слуша и препејува.
Кубата беше препознатлив по својот стил и по тоа што го негуваше традиционалниот звук во фолк-песните. Подоцна продолжи со самостојни настапи во битолските угостителски локали.

Влашевски беше вработен и како снимател во битолската ТВ Тера, а имаше и сопствена видеопродукција – Куба видео, која снимаше музички видеоспотови.
Фото: Архива/YouTube/Bon Ton Bitola – Prosti mi







