Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески синоќа (4 август) во „Палатата на Принцот“ во Монте Карло со блескав настап го заокружи своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки одржа серија концерти во тековната сезона 2023/24 година. Овој пат публиката со овации ја поздрави изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс, што Трпчески и овој реномиран оркестар го изведоа под диригентската палка на неговиот уметнички и музички раководител, маестро Казуки Јамада од Јапонија. Минатиот месец оваа добитна концертна комбинација настапи и во Колмар, Франција. Пребирливата публика од својот миленик беше наградена и со изведба на бис (квартет од Брамс од албумот „Пријателство“).
Мегафон
класика
Симон Трпчевски блескаво ја заокружи серијата концерти во Монте Карло
Во рамките на резиденцијалниот престој што започна во октомври минатата година, кога Трпчески на сцената во салата „Рение Трети“ со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло настапи со Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов, веќе во јануари годинава заедно со своите пријатели Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев го изведе проектот МАКЕДОНИСИМО. Следеше целовечерен рецитал на кој Трпчески исполни програма со дела од Шопен, Моцарт, Чајковски/Плетњев, Бетовен и Прокофјев.
Богатиот концертен распоред на нашиот пијанист што изминатиот период го одведе на сцените во Соединетите американски држави, Швајцарија, Романија, Шкотска, Јужна Кореја и Германија, наредниве два месеца продолжува во Холандија, Франција, Германија, Шведска, Романија и Соединетите американски држави.