инематограферот на „Амели“, Французинот Бруно Делбонел е добитник на Златна камера 300 за животен опус на јубилејното, 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кое ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола, соопшти денеска на средбата со новинарите директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски.
Годинава славиме 45 години од постоењето на „Браќа Манаки“. Тоа за нас е многу важна годишнина, затоа што имаме можност да ги искористиме околностите кои постојат на нивото на филмските фестивали во моментот во светот, кои ни се благо наклонети. „Браќа Манаки“ е првиот и најстар филмски фестивал во светот, посветен на уметноста на кинематограферите. Специјализирани сме за тоа. Сега сме еден од двата најголеми фестивали во светот. Подготвуваме низа прекрасни изненадувања, рече денеска на прес-конференција Дамевски.
Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат сите досегашни живи добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело во чест на јубилејното 45. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Како што кажа Дамевски, во моментов, 18 од 35 кинематографери кои се добитници на наградата за животно дело се живи, и тие се обидуваат да ги донесат во Македонија сите, иако поголемиот дел од нив се на возраст над 80 години. Од Фестивалот планираат да им дадат камера и секој од нив да сними по една до две минути од Битола видена низ очите на големите мајстори.
Правиме напори да го обезбедиме нивното присуство. Штета е што во Битола нема толку сместувачки капацитети за да може да ни дојдат сите гости кои ги планираме, рече денеска Дамевски.
Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“, соопштија од Фестивалот.
Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC, популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.
На почетокот, како самостоен кинематографер ќе сними два кратки филма за сценаристичко – режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако”. Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за Оскар: „Амели“ (2002) и „Многу долга венчавка“ (2005).
Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“ го освои Кристалниот Глобус. Делбонел со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава. Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА, како и за наградата „Цезар“, а ја освои наградата на Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер.
Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“. Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се: „Внатре во Левин Дејвис“, „Најмрачен час“ и „Трагедијата на Магбет“.
Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“, со рускиот режисер Сокуров ќе го сними „Фауст“ (2011), базиран на Гетеовиот мит за Фауст, кој освојува „Златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“ посветен на Парискиот храм на сликарската уметност – музејот Лувр, кој со својата трајна вредност и пркосел на фашистичката окупација. Со Тим Бартон ќе соработува во три наврати, речиси едно по друго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“, во 2013 година соработуваат на сродниот, „Големи очи“ и во 2016 година го реализираат „Домот на гопоѓица Перегрин за чудни деца“.
Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018 година, во пародиската вестерн комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес Ендерсон , на неговиот најнов филм „Феникиска шема“ (2024, во пост-продукција), со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач, Том Хенкс, Скарлет Јохансон, Бил Мареј, Бенисио Дел Торо и Шарлот Генсбур.
Во 2019 година, Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на Прочуената париска филмска школа.
Фото: Браќа Манаки