Во новата натпреварувачка вечер, 20-годишниот Антонио Нејков од Струмица, кој се натпреварува во тимот на Драган Којиќ – Кеба, се најде очи в очи со Лука Грујиќ, кандидат од тимот на Дара Бубамара. Уште од првите секунди двајцата млади пејачи ја кренаа атмосферата до максимум, а нивните настапи очигледно ги воодушевија и членовите на жирито. На сцената се случи вистинска музичка пресметка, многу енергија и изненадувачки расплет! Струмичанецот повторно покажа дека има сериозни амбиции на големата сцена на регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, а неговиот дуел со Лука Грујиќ од Лесковац заврши на начин кој ретко се гледа во ова натпреварување.

Резултатот? Максимални пет гласа за двајцата! Ниту еден не попушти, ниту пак некој успеа да го засени другиот. Двајцата покажаа одлична подготвеност, сценска енергија и самодоверба, па жирито едноставно немаше причина да им најде забелешка.

Жирито воодушевено, а продукцијата со потег што ретко се гледа!
Пофалбите не изостанаа. Ѓорѓе Давид особено го истакна стајлингот и енергијата на кандидатите, а за Антонио имаше и посебен комплимент, оценувајќи дека струмичанецот е разигран и целосно свој на сцената. Притоа упати поздрав и до Струмица, но и до Славица Ангелова.
Ниту Сања Вучиќ не пронајде причина за критика, додека Снежана Ѓуришиќ со насмевка порача дека „по утрото се познава денот“, додавајќи дека вакви таленти без проблем би ги оставила да одморат сè до петтиот или шестиот круг.

И Мили беше на иста линија – според него, двајцата заслужуваат директен пласман, при што ја издвои ведрината и насмевката на Антонио, како и прецизноста во пеењето на Лука.
Но, вистинското изненадување следуваше на крајот!
Откако и менторите беа задоволни од она што го видоа и слушнаа, конечниот збор го имаше директорот на „Гранд продукција“, Горан Шљивиќ. Наместо да се бара победник меѓу двајцата речиси изедначени кандидати, продукцијата реши да направи несекојдневен исклучок – и двајцата да добијат директен пласман во третиот круг!
Така, Антонио и Лука славеа двоен триумф, а струмичанецот продолжува во шоуто со уште поголема самодоверба и мотив да покаже што знае.

Од Струмица до Германија, па на големата сцена на „Гранд“!
За оние што можеби не ја следеле неговата приказна од самиот почеток, Антонио Нејков е 20-годишно момче од Струмица, кое веќе пет години живее во Германија. Таму се школува и работи како медицински техничар за нега на постари лица, но неговата најголема желба е еден ден целосно да се посвети на музиката и пеењето.
Уште при првото претставување во „Ѕвездите на Гранд“ покажа дека не дошол само да учествува, туку и сериозно да се бори за своето место. Тогаш ги освои сите седум гласа, а за свој ментор го избра Драган Којиќ – Кеба, чии песни, како што откри, редовно ги слуша дури и додека е во странство.

Покрај вокалните способности, Антонио привлече внимание и со својот специфичен изглед, особено со препознатливата фризура. Толку многу што директорот на „Гранд“ го спореди со фудбалската сензација Ламин Јамал! А струмичанецот, верен на својот шарм и духовитост, само се насмеа и порача: „Тоа што е добро, се познава оддалеку“.
Очигледно, Антонио полека, но сигурно станува едно од имињата на кои вреди да се внимава во оваа сезона. А ако се суди според досегашните настапи, неговата приказна на сцената на „Гранд“ допрва станува интересна!
Фото и видео: YouTube/ Zvezde Granda-Cela Emisija 10-ZG 2026/27-21.11.2026.






