Три децении музика, безброј испеани песни, пријателства, љубови, но и спомени кои не избледуваат. Токму таква беше вечерта што Коки Јанков ја приреди на 14 ноември во Македонската филхармонија, на јубилејниот концерт „30 години Виолина и гитара“ – една од најемотивните музички средби, исполнета со лични, но и генерациски сеќавања.

Ова не беше само концерт. Беше враќање во едно поинакво време, во годините кога Дуле и Коки беа кралеви на ноќните свирки, кога ги освојуваа фестивалските сцени, ги полнеа и салите и локалите, ги исполнуваа душите и со своите песни влегуваа во срцата на публиката. Времиња во кои се создаваа хитови, се раѓаа пријателства и се пишуваа музички приказни што и денес живеат. Од тие години останаа песните што сè уште се пеат, приказните што повторно се раскажуваат и спомените на кои секогаш со задоволство им се враќаме.

Таков беше и овој концерт – многу личен, интимен, во полуакустична варијанта, со своевиден омаж на песните од досегашната кариера на Коки и музичко патување низ неговиот животен и професионален пат. Без непотребна помпезност, со многу емоции, искреност и непосредна комуникација со публиката.
Уште на самиот почеток, Коки ја откри атмосферата што ја посакувал за оваа вечер:
„Чувствувајте се како да не сте дојдени на концерт, туку како да сте дома, а ние сме ви дошле на гости. Да си помуабетиме, да посвириме, заедно да запееме и да се потсетиме на убавите времиња“.

И навистина, вечерта наликуваше на голема средба на пријатели, на луѓе кои со години ги поврзуваат истите песни, истите спомени и истата емоција.
Посебно место во ова музичко патување имаше, секако, приказната за „Дуле и Коки“, дуото кое остави длабока трага на македонската музичка сцена. Споменот на прерано починатиот Душан Љубисављевиќ – Дуле беше присутен во текот на целата вечер, а секоја песна што потсетуваше на нивното заедничко творештво носеше дополнителна тежина и емоција.

Коки на сцената ги собра своите долгогодишни пријатели, колеги и естрадни соработници, кои со него ја споделија оваа јубилејна вечер. Како специјални музички гости настапија Ристо Самарџиев, близок пријател и соработник уште од почетоците на дуото, Игор Џамбазов, Ристо Самарџиев, Бојана Скендеровски и Зоран Илиев. Секој од нив со своето присуство и изведба придонесе за вечерта да добие уште поголема тежина, музичка и емотивна димензија.


Низ песните оживеаја и спомените на времето кога „Дуле и Коки“ беа едно од најпрепознатливите имиња на домашната естрада, кога со својата енергија и непосредност ги освојуваа ноќните клубови, фестивалските сцени и срцата на публиката. Но, концертот не беше посветен само на заедничката приказна со Дуле, туку и на самостојниот музички пат на Коки, неговото творештво со групата „Тајфата“, како и поновите синглови, меѓу кои и „Пиво 9то“ и „Виолина и…“.

Се нижеа песните, се редеа сеќавањата и преку стиховите и рефрените и преку фотографиите и видеата на големиот видеоскрин, а публиката со секоја следна изведба сè повеќе се препушташе на емоциите. Салата не беше само публика и сцена – беше едно големо заедничко сеќавање на времиња кои можеби поминале, но никогаш не исчезнале.

Но, вистинската кулминација пристигна на самиот крај!
Кога одекнаа големите хитови „Залудно е да се напијам“ и „Марама“, публиката веќе беше на нозе. Се пееше во еден глас, се аплаудираше, а Коки и бендот беа поздравени со стоечки овации.

Но, најсилниот момент допрва следуваше. За безвременската „Виолина и гитара“, песната која на Дуле и Коки им ја обележа заедничката кариера и стана еден од нивните музички заштитни знаци, Коки приреди посебно изненадување. На сцената го повика внукот на покојниот Дуле, кој ја донесе токму гитарата на својот чичко, ја обеси на себе и застана покрај Коки.

И така, со гитарата на Дуле повторно на сцената, Коки, неговиот бенд и младиот наследник заедно ја изведоа песната што засекогаш ќе ги поврзува нивните имиња.
Момент во кој музиката зборуваше повеќе од зборовите. Во кој минатото и сегашноста се сретнаа на истата сцена, а споменот на Дуле доби уште едно искрено, достоинствено и емотивно музичко продолжение.

Зашто, некои концерти се слушаат, некои се гледаат, а некои едноставно се доживуваат. Овој на Коки Јанков беше токму таков – вечер во која три децении музика се претворија во една голема приказна за пријателството, љубовта кон песната и луѓето кои можеби повеќе не се меѓу нас, но засекогаш остануваат во стиховите, мелодиите и спомените…
А „Виолина и гитара“? Таа и по сите овие години продолжува да свири таму каде што најмногу треба – во срцата на оние што пораснаа со неа.





