Живот и стил

По само една година употреба електронски цигари, забележано е драстично намалување на белодробната функција кај младите

По само една година употреба електронски цигари, забележано е драстично намалување на белодробната функција кај младите

Според студија објавена во научното списание „Tobacco Control“, белодробната функција кај младите кои користат електронски цигари значително се намалила по една година. По спроведеното истражување увидени се можни негативни последици по нивна долготрајната употреба.

„Резултатите покажаа дека функцијата на белите дробови кај младите е многу намалена по само една година од користењето на цигарите, но земајќи предвид методолошките недостатоци на студијата, како и малиот број испитаници, мораме внимателно да ги толкуваме наодите“, советуваат научниците.

Истражувањето, водено од Симанта Рој, опфатило 22 лица на возраст од 21 до 35 години, корисници на електронски цигари, на кои им била измерена белодробната функција, со повторување по една година. Испитувањата биле меѓу 9 и 11 часот наутро, односно 12 часа по последната употреба на тутунски производи.

За време на постапката биле следени неколку показатели за белодробната функција, меѓу кои и „FEV1“, односно, количеството воздух што едно лице може присилно да го издише во текот на првата секунда, форсираниот витален капацитет (FVC), како и односот меѓу нив.

„Учесниците самостојно пријавуваа колку пати дневно користат електронски цигари“, изјавија експертите.

Резултатите по второто мерење покажале значителни промени на белодробната функција.

„Резултатите од второто мерење покажаа дека вредноста на „FEV1“ е значително пониска во споредба со првото мерење, по што забележавме разлики во проценетото намалување во зависност од зачестеноста на користењето електронски цигари“, изјавија експертите.

Според нив, количеството воздух што едно лице може присилно да го издише во текот на првата секунда, се намалило за 100 милилитри кај оние што ги користеле цигарите од пет до девет пати дневно, во споредба со оние кои ги користеле помалку. Кај лицата кои ги користеле цигарите од 10 до 29 пати дневно, намалувањето изнесувало 190 милилитри, додека кај оние кои ги користеле 30 или повеќе пати дневно, било проценето намалување од 240 милилитри.

„Сепак, разликите во намалувањето на белодробната функција во зависност од зачестеноста на користење електронски цигари, не се статистички значајни“, нагласуваат тие.

Намалувањето на „FEV1“ е еден од главните показатели што се поврзуваат со хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ).

„Зачестената употреба на електронски цигари може да предизвика многу болести, меѓу кои и хроничната опструктивна белодробна болест, предупредуваат стручњаците. Затоа сметаме дека долготрајната употреба на електронски цигари потенцијално би можела да го зголеми ризикот од нејзин развој. Сепак, според нас потребни се дополнителни и многу поголеми истражувања за да се утврди дали навистина постои таква поврзаност“, заклучуваат тие.

За време на истражувањето увидени се неколку значајни ограничувања, меѓу кои, мал број испитаници, мерење на белодробната функција двапати дневно, како и несоодветен кадар, односно, немање контролна група составена од непушачи, при што не може со сигурност да се утврди дали забележаните промени се директна последица на користењето електронски цигари.

Кејти Ист, вонредна професорка по јавно здравје на Медицинскиот факултет Брајтон и Сасекс, во изјава за британскиот „Science Media Centre“, предупредила дека резултатите од истражувањето не докажуваат дека електронските цигари ги предизвикале забележаните промени во белодробната функција. Според неа, учесниците можеле месечно да испушат до пет класични цигари или да користат други тутунски производи, што исто така можело да влијае врз резултатите и да ја отежне процената на вистинското влијание на електронските цигари.

Слично мислење дал и Лајон Шахаб, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ), кој сметал дека заклучокот за штетноста на долготрајната употреба на електронски цигари е пребрз.

„Белодробната функција природно се намалува со возраста, поради што забележаниот пад не мора да биде последица од користењето електронски цигари, предупредил Шахаб. Дополнително, односот „FEV1/FVC“ кој е важен показател што се користи при откривање хронична опструктивна белодробна болест, не покажал јасна промена“, нагласил тој.

Според него, и по спроведената статистичка корекција поради поголемиот број направени мерења, ниту еден од забележаните наоди не останал статистички значаен, а тоа значи дека случајноста сè уште може да биде едно од можните објаснувања за добиените резултати.

И покрај ваквите заклучоци, Шахаб смета дека влијанието на електронските цигари врз белодробното здравје мора да продолжи да се истражува.

„Потребни се поголеми и подолгорочни истражувања во кои ќе бидат опфатени лица што досега користеле само електронски цигари и луѓе кои никогаш не пробале никаква цигара, посоветувал Шахаб. Само на тој начин ќе може попрецизно да се утврди дали и во колкава мера електронските цигари самостојно влијаат врз белодробната функција“, заклучил тој.

фото:Freepik

To top