Бројот на жители на Москва кои имаат 100 и повеќе години, е зголемен за речиси 200 лица во текот на изминатава година, што значи дека во руската престолнина моментално живеат околу 1.400 стогодишници, соопшти градскиот Оддел за труд и социјална заштита.
„Според податоците на Одделот, во градот моментно живеат речиси 1.400 лица на возраст од 100 или повеќе години. Во рамките на повозрасната популација, 432.000 жители на Москва се постари од 80 години, а 65.000 се постари од 90 години“, изјави извор за тамошните медиуми.
Во октомври лани, Москва имала 1.200 жители постари од 100 години. Во тоа време, имаше повеќе од 415.000 жители на Москва постари од 80 години, од кои повеќе од 59.000 беа постари од 90 години. Во април оваа година, наводите говорат дека во Москва има 1.342 жители на возраст од 100 или повеќе години. Исто така, беше соопштено дека во градот живеат 419.700 луѓе кои го прославиле својот 80. роденден и 62.500 луѓе со над 90 години. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин денеска им го честиташе Меѓународниот ден на постарите лица, на жителите на рускиот главен град.
„Овој празник е уште една можност да им се заблагодариме за нивната љубов, грижа и добрина. За нивниот труд во одгледувањето на децата и внуците. За нивниот огромен придонес во развојот на Москва“, напиша тој на својот канал, посакувајќи им добро расположение, здравје, благосостојба и долг, среќен живот на своите највозрасни сограѓани.
фото:Freepik
извор:МИА







