Мегафон во ритамот на балетот, џезот и современиот танц

Скопје е подготвено за европската танцова елита:Објавено промо видеото за IDO EUROPEAN CHAMPIONSHIP 2026

Скопје е подготвено за европската танцова елита:Објавено промо видеото за IDO EUROPEAN CHAMPIONSHIP 2026

Skopjeiscalling!“ – со елеганцијата на балетот, ритамот на македонската традиција и препознатливите пејзажи на главниот град, објавено е промотивното видео за IDOEuropeanChampionship 2026 во класичен балет, џез, модерен и современ танц.

Од 21 до 29 септември 2026 година, Скопје ќе биде домаќин на едно од најпрестижните танцови случувања во Европа. Повеќе од 3.000 врвни танчери од 26 европски земји ќе настапат во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, претворајќи го градот во голема сцена на талент, движење и врвна танцова уметност.

Под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, првенството нема да ја претстави Македонија само како домаќин туку и како земја со богато културно наследство, автентичен ритам и приказна што заслужува да биде раскажана пред европската публика.

Токму тој спој е пренесен и во промотивното видео. Снимено на плоштадот „Македонија“ и во комплексот „Македонско село“, видеото создава впечатлива визуелна приказна во која грациозноста на класичниот балет се среќава со силата на македонскиот фолклор. Фолклорните елементи дополнително ја збогатуваат атмосферата и ја нагласуваат врската меѓу современиот танцов израз и традицијата што се пренесува низ генерациите.

Главната улога ја има Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина што настапила на сцената на престижниот Болшој театар во Москва. Нејзината изведба го носи духот на претстојното првенство – елеганција, сила и македонска гордост.

Продуцент на видеото е Трајче Петковски, а прекрасните, безвременски кадри се дело на Ненад Смиљковиќ, кој внимателно ги доловува магијата на движењето и убавината на локациите во нашиот главен град. Видеото е проследено со музика од композиторот Александар Јовевски, чиј звук му дава дополнителна емотивна димензија на спојот меѓу балетот и македонското културно наследство.

Промотивното видео е снимено и објавено во пресрет на првенството, со цел европската публика да го запознае Скопје и да ја почувствува убавината на Македонија уште пред да пристигне.

По успешната организација на Светското првенство во хип-хоп во 2024 година, Македонија повторно ќе пречека илјадници танчери, тренери, судии и љубители на танцот.

„Пресреќни сме што Скопје повторно ќе биде центар на европската танцова сцена и што во нашиот град ќе пречекаме повеќе од 3.000 врвни танчери од 26 европски земји. Покрај културниот и спортскиот аспект на првенството, особено ни е важно што преку овој настан ја промовираме македонската традиција и вредностите на кои светот секогаш гледа со воодушевување кога ја посетува Македонија“, истакнуваат организаторите Трајче и Андријана Петковски од танцовото студио „Брејк а лег“.

Во текот на деветте натпреварувачки дена, Скопје ќе живее во ритамот на балетот, џезот и современиот танц, потврдувајќи дека Македонија може да биде значајна европска сцена за културата, уметноста и спортот.

Погледнете го официјалното промотивно видео:

To top