Откако крајот на август го одбележа крајот на летото со топло прифатената „Марија“, охриѓанецот Христијан Настески – Пајак повторно изненадува со свежа музичка приказна. Заедно со популарното дуо Два Бона, тој го претставува новиот сингл „C’est la vie“ – модерна мешавина од поп и урбан ритам што совршено ја отсликува филозофијата на животот: да се живее без грижи и со многу стил.

Песната доаѓа по низа успешни изданија оваа година, меѓу кои „Его“ (мај) и „Навика“ со Антониа Гиговска (јуни). Музиката и текстот за „C’est la vie“ се дело на Пајак и Два Бона, додека за аранжманот се погрижи познатиот Иван Јованов – Iwayo, со кого Пајак повторно докажува дека знае како да создаде звук што ги освојува и радио-станиците и плејлистите на публиката.

Со овој сингл, 24-годишниот охриѓанец го потврдува својот статус на еден од најперспективните артисти на новата македонска сцена. Неговите претходни соработки зборуваат доволно: со Теодора Џахверовиќ ја сними летната бомба „Летња авантура“, а претходно го освои и српскиот пазар со хитот „Мала моја“ со Mc Stojan.

Во домашниот етер, Пајак остави трага со „Хабиби“ (во дует со Антониа Гиговска), а „Bella“, снимена со Лара Иванова, стана вистински феномен со над 37 милиони прегледи на YouTube – бројка што ретко кој македонски артист ја достигнал.

„C’est la vie – that’s life…“, вака Пајак го најави најновиот проект што уште од првите часови по објавата ја раздвижи публиката. Песната „C’est la vie“ е свежа, урбана и впечатливо нивна, со динамика, став и младешка енергија што стана нивна препознатливост.







