Јануари и не е баш месец кој е познат и популарен по правењето вечавки и свадби, ама ако некој така решил или евентуално многу му се брзало од разни причини тоа да го стори, нека е со среќа! А такви секоаш има, меѓу кои и од јавните и познати македонски личности, во случајов една од оние естрадните.
Имено, младата македонска пејачка Наталија Траиловиќ, која јавноста повеќе ја знае како вокал на кавадаречката група „4U BAND (For you band)“ деновиве „рипна во тавче“.
Кон крајот на минатото лето на нејзиниот роденден се пофали декаја побарале нејзината рака и го добила и свршеничкиот прстен.
Сега таа и нејзиното момче Дејан решиле да запловат во брачните води, па нивната љубов ја крунисале со брачен потпис пред матичар.
Едниот па другиот, а потоа невестата гордо го покажа „ќитапот“ со кој од тој момент станува г-ѓа со две презимиња: Траиловиќ – Чичаковска.
Потоа се разбира и здравица со чаша шампањско за среќен, вечен и многудетен брак!
Секако и селфито за спомен на еден од најсвечените денови во животот, за спомен и долго сеќавање кога ќе изминат годините.
А потоа, како што е редот семејна веселба во една кафеана. Во пошироката јавност остана само недоумица дали нејзината група и свиреше и дали и невестата запеа на сопствената свадба? Одговорот го знаат само оние што биле и лично присутни на свадбената веселба на Наталија.
Денот се погоди вистински зимски снежен, ама и како создаден за вистинска зимска свадбена бајка.
Вистинска снежна идила во која преовладува кулминацијата на среќата и радоста како резултат љубовта и младоста помеѓу пејачката и нејзиниот партнер, отсега обајцата венчани животни сопатници!
Инаку, Наталија Траиловиќ во 2023 година како соло пејачка дебитираше и на „Макфест“. Иако не влезе во финалната-ревијална вечер, Наталија остави добар впечаток со модерна поп-регетон песна насловена како “Ден во себе”.
Почетоците во музиката ги прави уште на четиринаесет годишна возраст, каде со својата прва песна настапува на фестивалот Гроздоберче Тинс во Кавадарци. Професионално почнува да се занимава со музика во 2022 година кога станува член на 4U Band, со кој активно настапува низ цела Македонија.
Запловувањето во брачните води ја затекна и како студент во втораа година на Музичката академија при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, насока етнокореологија, етномузикологија и народни инструменти.
А што се однесува до бракот… Младите нека се среќни, вечни и секако многудетни!
Фото: Фејсбук/Natalija Trailovikj