Од вино никогаш не е доста!
Наскоро, поточно, на 12-ти септември, на прекрасниот Ragusa 360 Rooftop, ќе се одржи шестото издание на „Вино на штикли“.
Оттука нема поглед на Езеро, ама има одлична атмосфера под ѕвездите во која ќе уживаат винољупците со своите најдобри пријатели, винарите.
Станува збор за најгламурозниот вински настан во Македонија, каде гламурот и виното се спојуваат во совршена хармонија.
А ако се прашувате од каде мода и вино заедно, само сетете се дека токму имињата на сортните вина модните креатори веќе долго време ги користат како имиња на бои.
На пример, многу често, наместо бордо, знаеме да кажеме бургоњ, наместо крем боја – шампањ.
Модата е вечна инспирација, па така е и во винскиот свет.
Во денешно време, како што се развива и винската култура, станува веќе срамота да не се познаваат повеќе сорти од шардоне и каберне, а еден вистински модерен маж мора да знае да го нарача вистинското шише вино со самоуверен глас, без да фрли поглед на винската листа.
Дури и познатата чанта Шанел 2.55 е создадена како резултат на поврзаноста помеѓу винската и модната индустрија. Имено, славната Коко Шанел, во идејата да го спои убавото и корисното, ја дизајнирала оваа чанта која ноншалантно виси на рамото, токму за да ги остави рацете слободни за чаша фин шампањ.
Денес, познатите модни дизајнери, на пример, Дона Каран и Карим Рашид, дизајнираат и шишиња и етикети за специјални изданија на некои шампањи.
Сепак, како и при изборот на облека или чевли, ако слепо ги следиме трендовите, сме ја промашиле поентата. Mодните трендови треба да се гледаат како препорака, а не како нужно правило. Како што тврдеше и Коко Шанел: „Модата излегува од мода, но стилот е вечен“.
Тоа важи и за виното. Не ги следете само трендовите и не ги пијте само модерните вина (да, да, постојат и модерни вина, без оглед дали станува збор за името или за сортата), туку испробувајте и изградете го својот вински вкус, како што го градите и сопствениот моден вкус.
А токму на овој винско-моден и музички настан ќе имате можност да испробате над 150 различни вина од 20 врвни македонски и странски винарии.
На овој вински салон, секоја винарија ќе има можност да ја раскаже својата уникатна винска приказна, додека посетителите ќе уживаат во внимателно подготвениот амбиент на Ragusa 360 Rooftop – од вкусовите на врвните вина до звуците на џезот во живо.
„Вино на штикли“ не е само настан од салонски карактер, тоа е прослава на растот и развојот на винската култура во Македонија.
Со секоја година, ова винско случување привлекува сè повеќе љубители на префинети вкусови, кои со нетрпение очекуваат да откријат нови ароми и уникатни приказни што ги носи секое вино. Настанот го поттикнува развојот на винската сцена и придонесува за изградба на вистинска винска заедница, каде винарите и љубителите на вино заедно ги слават и споделуваат своите страсти.
Бројот на карти за „Вино на штикли 2024“ е ограничен, а истите може да се купат онлајн на следниот линк: vinonastikli.mk