Охридскиот вокално инструментален состав „Билјана“ ја претстави својата најнова музичка и визуелна приказна насловена „Охридско чалгиско“, инстриументал кој со силна емоција и автентичен звук ја продолжува традицијата на охридската чалгија, спојувајќи ја со современа продукција. Песната и видеоспотот беа објавени на 21 декември 2025 година и веќе привлекуваат внимание кај љубителите на македонската традиционална музика.

„Охридско чалгиско“ е дело на Арбен Бајрам-Бени, кој ја потпишува музиката и аранжманот, внесувајќи препознатлив мелодиски сензибилитет и богата инструментална структура. Аудио-продукцијата е реализирана во студиото „Кларион“ во Скопје, каде снимањето, миксот и мастерингот ги изработи Дејан Кларион, обезбедувајќи чист и модерен звук, без да се изгуби духот на традицијата.

Видеоспотот, кој визуелно ја надополнува музичката атмосфера, е во режија и сценарио на Стефан Стојкоски, кој воедно се потпишува и како видео-оператор и фотограф. Со внимателно избрани кадри и топла визуелна естетика, спотот ја доловува душата на Охрид и богатото музичко наследство што го инспирира ансамблот.

Со „Охридско чалгиско“, ВИС „Билјана“ уште еднаш потврдува дека традицијата може да живее и да звучи современо, задржувајќи ја својата автентичност и емоционална длабочина.







