Радио Милева пресуда за непоправлива штета

Виновникот за смртта на актерот Метју Пери доби казна 15 години затвор

Виновникот за смртта на актерот Метју Пери доби казна 15 години затвор

Јасвин Санга, позната како „Кралица на кетаминот“, беше осудена на 15 години затвор за продажба на дрогата што доведе до смртта на актерот Метју Пери, најпознат по улогата во серијата „Пријатели“.

Јасвин Санга, 42, се изјасни за виновна во септември минатата година по пет точки од обвинението, вклучително и дистрибуција на кетамин што резултираше со смрт или тешки телесни повреди. Обвинителите го опишаа нејзиниот дом како „центар за дрога“ од кој таа финансираше раскошен животен стил.

Метју Пери беше пронајден мртов во октомври 2023 година во џакузито во својот дом во Лос Анџелес. Истрагата утврди дека причина за смртта е акутниот ефект на кетаминот. Тоа е дисоцијативен анестетик со халуциногени ефекти, кој може да се користи само под медицински надзор.

Пред изрекувањето на пресудата, маќеата на Пери, Деби Пери, побара од судот максимална казна, велејќи дека Санга предизвикала „непоправлива штета“.

„Вие го предизвикавте тоа. Имавте можност да заработите пари на други начини, но избравте пат што ги повредува луѓето. Ве молам дајте ѝ максимална казна на оваа бездушна жена за да не може да им предизвика болка на другите семејства“, изјави таа во своето обраќање пред судот.

За време на претресот на домот на обвинетата, федералните власти пронајдоа десетици ампули кетамин, како и илјадници апчиња што содржеа метамфетамин, кокаин и Ксанакс. Истражителите велат дека Санга со години дистрибуирала дрога од својот дом во Северен Холивуд.

Таа првично ги негираше обвинувањата, но подоцна ја промени својата изјава и се изјасни за виновна. Како дел од договорот, таа исто така призна дека во 2019 година продала кетамин на маж кој починал неколку часа подоцна од предозирање.

Санга се соочи со можност за затворска казна до 65 години, но на крајот беше осудена на 15 години. Во притвор е од август 2024 година. Нејзините адвокати претходно побараа поблага казна, велејќи дека таа ја презела одговорноста и немала претходно криминално досие.

Метју Пери со години се борел со зависност, а во времето на неговата смрт користел кетамин како дел од терапија за депресија под медицински надзор. Властите тврдат дека Санга била едно од петте лица кои го снабдувале актерот со дрога, искористувајќи ја неговата зависност за профит.

Во овој случај беа обвинети и други лица, вклучувајќи лекари и асистентот на Пери, кои исто така се изјаснија за виновни. Доктор Салвадор Пласенсија беше осуден на 30 месеци затвор, додека д-р Марк Чавез доби осум месеци домашен притвор и три години надзор.

фото:Instagram printscreen/mattyperry4

To top