„Милион ѕвезди” е најновата композиција која што неодамна младиот, симпатичен, харизматичен и енергичен Влатко Иљачев – Валдера ја претстави и промовираше пред македонската публика.

Создадена од музичката работилница на маестро Григор Копров, оваа композиција го носи сето она што и би го очекувале – многу љубов, емоција, занес и мелодија која веднаш влегува во уво и никако да излезе.

Ова е нивна прва, но не и последна соработка. Со асистенција на младиот музичар и продуцент Стефан Петановски, “Милион ѕвезди” претставува силна и емотивна љубовна приказна исполнета со многу страст, надеж и копнеж кон саканата личност. Оваа балада е посветена на сите вљубени, но и на сите оние кои се уште веруваат во љубовта.

Ангел Ризов го потпишува текстот кој преку своите зборови и емоции, срамежливо но сепак на интересен начин ги пренесува носталгијата, љубовта и емоцијата истовремено потсетувајќи не на едно убаво време кога ваквите балади беа неизбежен дел од MTV, во духот на Брајан Адамс и сличните светски имиња, со кои ние некогаш растевме.
“Во ноќта се крие тајната на нашите патеки, јас те сакам повеќе од сите векови. Во твоите очи наоѓам милион ѕвезди, љубов моја биди со мене до крај”, вели Валдера во рефренот.

Видеото пак кое досега има повеќе од 64 илјади гледаност, е спонтано, ненаметливо и кое ја раскажува љубовната приказна на еден интересен и искрен начин, е во реализација на Лоран Бајрами, под идеја и водство на самиот Валдера. Во него главна улога има преубавата Јулијана Деспотоска која без погледот, насмевката… видеото можеби немаше да ги долови љубовта и емоциите кои оваа композиција самата по себе ги носи.

“Милион ѕвезди” носи силна порака – љубовта е се она што не води и во најтешките и најтемни моменти, оставајќи ни барем една искра надеж дека утре ќе биде подобро од денес. Со овој музички проект, на свој специфичен начин Валдера ни ги открива своите најдлабоки емоции преточени во музика кои долго време тлееле, но конечно сега го добиваат својот вистински израз.

Инаку, Валдера оваа година ќе настапи на музичкиот фестивал “Бисер Јадрана” во Тиват, Црна Гора, како и на Интернационалниот музички фестивал “Охрид Фест – Охридски трубадури”, каде се очекува оваа музичка приказна да добие уште поголем одек. А дали “Милион ѕвезди” е новиот пролетен хит?! Останува времето да ни покаже, но според бројките и публиката очигледно дека тоа е веќе така.







