Утрово во Скопје почина Милка Ефтимова, оперска примадона која настапувала во повеќе од 20 земји во светот. Имаше 89 години. Веста за смртта на Ефтимова за СДК.мк ја потврди нејзината ученичка, оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова.
„Се слушнавме пред два дена. Ми рече дека не е добра, но се надева дека ќе биде подобра. Утрово, нејзиниот внук ми јави дека починала. Редовно се слушавме и ја посетував. Таа беше моја професорка осум години и ми ја следеше целата кариера и сите настапи. Во секое време знаеше каде ќе настапувам следно, ми беше голема поддршка“, рече Ѓиновска-Илкова за СДК.мк.
Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана, и предавала на Факултетот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Во 1961 за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со улогата на Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.

„Таа е вокална солистка, кој отпеала четириесет оперски улоги, многубројни партии во ораторијални дела, кантати, многу соло песни. Уметница, која повеќе од 1.200 пати застанала на оперската и на концертна сцена, во дваесетина земји на светот.

Таа е вокална солистка, примадона на македонската опера, која во текот на својата повеќедецениска кариера, сето она што го вградила во музичката култура кај нас, но и во други земји каде што делувала, е мошне значајно“, рече професорот д-р Александар Трајковски во 2023 по повод изложбата на нејзините лични предмети.

Ефтимова последните години од животот ги помина во дом на стари лица во Скопје. Погребот на Ефтимова ќе биде на 16 август во нејзиниот роден град Радовиш.

Foto: printcreen//Youtube/Freepik/Facebook/ Milka Eftimova







