Познатата српска актерка Анѓелка екс Прпиќ, сега Стевиќ – Жугиќ деновиве гостуваше со својата монодрама ! „Што пак ме снајде“ (Шта ме опет снаѓе) во Скопје.
Салата на МОБ преполна, актерката како и секогаш брилијантна, а нејзината извонредната актерска способност да ја оживее секоја сцена, и во оваа претстава направи секого да го насмее и соочи со реалноста. Со низа од различни ликови и ситуации, “Што пак ме снајде ” беше вистинско шоу за сите генерации.
Дали меѓу оние кои се најдоа во публиката на претставата била и скопската градоначалничка – таа не објави, иако е многу извесно дека била присутна, ама затоа Данела Арсовска ја објави селфи фотографијата со Анѓелка на своите профили и на Фејсбук и на Инстаграм.
Гушнати, обете со широка насмевка на усните, образ до образ, актерката и скопската градоначалничка делуваат мошне среќни и задоволни! Впрочем селфито од средбата Данела го „зачинила“ и со свој коментар кој ја потврдува претпоставката:
„Секоја средба со прекрасната Анѓелка е задоволство, храбра жена која секогаш е позитивна и насмеана. Честитки за нејзината фантастична претстава во Скопје вчера, која никого не остави рамнодушен“ – споделила градоначалничката.
И вака гледајќи ги двете, некако веднаш ви се раѓа желбата за компарација, проследена низ дилемата: Дали Данела повеќе би сакала да биде Анѓелка или Анѓелка да биде Данела?
Глумицата има чудна биографија – од фризерка до актерска ѕвезда! Во исчекување на својата актерска кариера, Анѓелка се испробала и во улогата на телевизиска водителка, но и фризерка. Таа се појавила како водителка на проектот „48 часа свадба“.
Во текот на својата животна приказна, открива дека имала и свој фризерски салон, но многу кратко. Го отворила, па го затворила и на тоа гледа како на убаво животно искуство. Серијалот за „Андрија и Анѓелка“ и донесе популарност на целиот Балкан.
Градоначалничката немала своја фризерница, ама затоа имала други објекти… така велат. Во сопственост на семејството или нејзини, сеедно. Не завршила глума, туку економија, а на телевизија ја има оддамна. Последниве години речиси секој ден, дури и многу повеќе од Анѓелка. Слава и донесе улогата на претседател на Македонските стопански комори — сојуз на национални стопански комори.
Улогите што ги толкуваат до душа им се различни, иако градоначалничката јавноста имаше прилика да ја види и доживее во „разни изданија“. Она што ги спојува е монодрамата: И Анѓелка и Данела кога зборуваат, тие околу нив молчат! Со тоа што за актерката на крајот од претставата има задолжителен аплауз и стоечки овации, а за градоначалничката… допрва ќе видиме, по изборите!
Анѓелка водеше ТВ шоу наречено „48 часа свадба“, а Данела „48 часа ЈСП“… Нешто пред тоа имаше и свој „шпицен политички стендап“ од „пречистителна природа“ во Градското собрание… И тоа во неколку епизоди! Пред тоа пред „Универзална сала“… и така тоа.
Во останатите „разлики во сличностите“ и „сличности во разликите“ на двете русокоси нема да навлегуваме.
Единствено остана љубопитните да ги мачи дилемата: Дали Данела повеќе би сакала да биде Анѓелка или Анѓелка да биде Данела? Или што би рекле: Што би дала да си на мое место?
Фото: Инстаграм/Википедија/danela.arsovska/andjelkap