Избори се ближат… Кампањата за претседателските финишира, онаа за праламентарините туку што стартуваше. Стартуваа партиите и нивните кандидати, ама СДС очигледно уште во стартот со старт за црвен картон!
Зашто уште со објавата на ударниот слоган – „Нема откажување од иднината“ ја утнаа работата! Како прво која иднина, кога на сите им е јасно дека со оној со кој нема минато, не може да има ни иднина! А, дека е тоа така сите видовме и почувствувавме! Конечно, тоа и самите го признаваат во изјавите, говорите, слоганите… Дека ја грешеле. Многу ја грешеле… Ама ќе се поправеле. Само што тешко дека некој ќе им поверува после се’ што (не) направија до сега. Затоа и коалицискиот слоган – „Како до сега“ најмногу би им прилегал. Оти како што ни беше до сега, со нив би ни било и отсега!
Како второ слоганот – „Нема откажување од иднината“ е виртуелна реалност! Ниту Нострадамус ни Баба Ванѓа не би си дозволиле вака да се промовираат, а не пак партија, особено не како СДС. Зашто иднината никој не може да ја предвиди, па затоа не логично е да се или не се откажуваш од неа! Сакал или неќел, откажувал или не, иднината сама ќе си дојде. Ама какво беше досега минатото и каква е сегашноста, повеќе од јасно е со кого нема иднина!
Ајде слоганот, ама најавното ударно видео за кампањата е дефинитивно за црвен картон! Кој им го смислил, секоја чест… Веднаш треба да биде заменет, сосе Таче и владејачката гарнитура. Всушност и не мора, зашто покрај сето останато и со ваква реклама, сами ќе се сменат… На 8-ми мај!
Демак иднината на Македонија не е игра? Па и не е, зашто со вакви играчи не може ни да биде… Ним од игрите најблиски и најпознати им се оние „тендерските игри без граници“, за тешки милиони. А и додавката „Северна“ која „се испотепаа со две раце“ да ја потпишат, сега кога на народот му се потпикнуваат, никаде не ја нема, не ја споменуваат. Сега не е Северна, туку само Македонија?!
Затоа со ваквите како нив, фер плеј игра – нема, а и со нивниот јазик сликовито кажано: „Се’ што шутнаа – утнаа!“ Па и кампањата, очигледно! Зашто, како што се гледа и од крајот на нивното видео, Таче единствено може да погоди… на празен гол!
Се’ друго реално ќе заврши или на трибини или отаде истите… Во неповрат! А, СДС – како до сега, со погрешна тактика и катастрофална игра за промашена иднина на Македонија!
Или, како што осамна споделена на социјалните мрежи, вака некако би изгледала РЕАЛНАТА ВЕРЗИЈА на ударното рекламно видео за нивната изборна кампања!
Фото и видео: Фејсбук/СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија/Богдан Илиевски (Бетмен Велит)