Американскиот актер Роберт Карадин, познат по своите улоги во филмскиот хит „Одмаздата на штреберите“ и популарната серија „Лизи Мекгваер“, почина на 71-годишна возраст.
Странските медиуми објавија дека семејството објавило дека актерот извршил самоубиство, нагласувајќи дека сакаат јавноста да биде свесна за неговата речиси дведецениска борба со биполарно растројство.
Во соопштение доставено до „Deadline“, семејството Карадин изјави дека веста е објавена со длабока тага.
– Со огромна тага мораме да споделиме дека нашиот сакан татко, дедо, чичко и брат Роберт Карадин почина. Во свет кој понекогаш изгледа мрачен, Боби отсекогаш бил светилник на светлина за сите околу него. Скршени сме од загубата на оваа прекрасна душа и сакаме да ја признаеме неговата храбра борба речиси две децении со биполарно растројство. Се надеваме дека неговиот живот ќе поттикне разговор и ќе помогне да се скрши стигмата поврзана со менталните болести – се вели во соопштението.

Неговиот постар брат, актерот Кит Карадин, исто така изјави за Deadline дека семејството сака да биде отворено за менталното здравје.
– Сакаме луѓето да знаат. Нема срам во тоа. Сакам да ја славам неговата борба и неговата прекрасна душа. Беше исклучително талентиран и ќе ни недостига секој ден – рече Кит Карадин.
Роберт Карадин е роден во 1954 година како најмлад син на легендарниот актер Џон Карадин. Тој беше дел од едно од најпознатите холивудски актерски семејства. Неговите постари полубраќа беа Дејвид и Брус, додека неговите браќа беа Кит и Кристофер Карадин. Речиси сите членови на семејството се занимаваа со глума.

Своето филмско деби го имаше во 1972 година заедно со Џон Вејн во „Каубоите“. Следеа значајни улоги во филмовите „Зли улици“ во режија на Мартин Скорсезе и во филмот награден со Оскар „Враќање дома“. Својот најголем комерцијален успех го постигна во 1984 година во култната комедија „Одмаздата на штреберите“, каде што ја играше главната улога на Луис Сколник. Филмот беше огромен успех и предизвика три продолженија, снимени во 1987, 1992 и 1994 година. Интересно е што за време на подготовката за улогата, Карадин живеел под прикриен идентитет на Универзитетот во Аризона, убедувајќи ги студентите дека е навистина „гик“, со цел да го прикаже ликот што е можно поавтентично.
Семејството апелираше до јавноста да ја почитува нивната приватност во време на тага, со порака дека за менталните болести мора да се зборува отворено и без стигма.
фото:Instagram printscreen/therobertcarradine







