Живот и стил

Пристапот до римската Фонтана ди Треви од февруари за туристите ќе чини две евра

Пристапот до римската Фонтана ди Треви од февруари за туристите ќе чини две евра

Од февруари туристите ќе мора да платат две евра за да ѝ пристапат и одблизу да ја видат култната Фонтана ди Треви, римска туристичка атракција што ќе му носи на градот 6,5 милиони евра годишно, објави во петокот, градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери.

Само жителите на италијанската престолнина и натаму ќе имаат бесплатен пристап до ова барокно ремек-дело. Фонтаната и натаму ќе може да се разгледува од далечина, но пристапот одблизу ќе биде резервиран исклучиво за имателите на влезници, објасни градоначалникот на прес-конференција.

„Од 1-ви февруари воведуваме такса за влезници за шест римски локации“, а меѓу нив е и Фонтана ди Треви, рече римскиот градоначалник додавајќи дека влезот за другите пет локации ќе чини пет евра.

Фонтаната е едно од најпопуларните места во Рим за туристите. Стана позната по филмот на Федерико Фелини „La Dolce Vita“ (Сладок живот), во кој Анита Екберг го поканува Марчело Мастројани да ѝ се придружи во фонтаната во култна сцена. Посетата на Фонтана ди Треви е на врвот на листата на нештата што треба да ги прават многуте посетители кои го истражуваат Вечниот град.

Посакувањето желба и фрлањето паричка во базенот на фонтаната е традиција од која имаат полза градските власти. Секоја седмица таму се собираат илјадници евра во монети, кои потоа се донираат на добротворната организација Каритас.

Градоначалникот Гуалтиери рече дека меѓу 1-ви јануари и 8-ми декември, околу девет милиони туристи ја посетиле и ја виделе областа непосредно пред фонтаната, во просек 30.000 луѓе дневно. Рече, исто така, дека градската администрација веќе објавила планови за регулирање на пристапот до фонтаната поради пренатрупаноста во областа, која станала цел на џепчии, меѓу другото.

Градскиот совет проценил дека Фонтана ди Треви би можела да генерира околу 6,5 милиони евра годишно од продажба на билети.

Се чини дека италијанските власти постепено воведуваат такси за посета на спомениците во разни туристички атрактивни градови и локации. Во 2023 година, градските власти почнаа да наплаќаат влезница за Пантеонот, црква сместена во поранешен римски храм, а минатата година Венеција воведе туристички билет за центарот на градот во текот на летните месеци кога има најмногу туристи.

извор:нетпрес
фото:Freepik

To top