Пери Бамонте, која свиреше гитара и клавијатури во бендот The Cure, почина на 65-годишна возраст.
„Со огромна тага ја потврдуваме смртта на нашиот голем пријател и колега од бендот, Пери Бамонте, кој почина дома за време на Божиќ по кратко боледување. Тивок, интензивен, интуитивен и исклучително креативен, Теди беше топло срце и витален дел од приказната на The Cure“, објави бендот на својата официјална веб-страница.

Откако работеше како техничар за гитара и личен асистент на Роберт Смит, Бамонте стана официјален член на The Cure во 1990 година, а првиот албум на кој свиреше беше „Wish“ од 1992 година, пишува Ultimate Classic Rock.
„Сега сум еден од првите што си одат дома по настап, наместо последен што ја напушта сцената. Поздраво е, тоа е сигурно. Исто така, во The Cure можеме да додадеме свои делови во музиката – темпо, акцент… Мислам дека нашиот звук сега е многу поенергичен и побучен. … Иако сме многу одвоени и различни поединци, развивме еден вид групен ум преку музиката. Да се биде во The Cure е многу слично на научна фантастика“, рече тој во едно интервју во тоа време.
Тој свиреше на уште два студиски албуми, „Wild Mood Swings“ (1996) и „Bloodflowers“ (2000), пред да го напушти бендот во 2005 година.
После тоа, Бамонте водеше релативно мирен живот, посветувајќи го поголемиот дел од својот уметнички талент на илустрација.
Во 2019 година, тој беше примен во Рокенрол куќата на славните заедно со членовите на The Cure, а повторно се приклучи на бендот во 2022 година.
„Нашите мисли и сочувство се со неговото семејство. Многу, многу ќе ни недостига“, додаде бендот.
foto: printscreen/facebook/The Cure Forever/ instagram/brooklynvegan







