Мегафон тажна вест

Почина Матија Дедиќ: Замина врвниот џез пијанист и син на Арсен Дедиќ и Габи Новак

Почина Матија Дедиќ: Замина врвниот џез пијанист и син на Арсен Дедиќ и Габи Новак

Ненадејно почина еден од најистакнатите џез пијанисти и композитори на нашето време – Матија Дедиќ. Тој почина на 52-годишна возраст, оставајќи зад себе импресивно музичко наследство и непребол за љубителите на квалитетната музика.

Матија Дедиќ беше син на легендарните уметници Арсен Дедиќ и Габи Новак. Пред десет години, во емотивен момент и во врв на својата пијанистичка зрелост, Матија му оддаде почит на својот татко со албумот „Matija svira Arsena“ – колекција од 12 бесмртни композиции меѓу кои: „Sve što znaš o meni“„Kuća pored mora“„Moderato cantabile“ и други. Албумот беше сниман на 2 септември 2015 година во Концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб.

Матија Дедиќ беше еден од најценетите џез музичари во Хрватска и пошироко. Потекнуваше од уметничко семејство, а неговата кариера беше обележана со исклучителна техничка прецизност, длабока емоција и бескрајна посветеност на музиката. Во 1997 година дипломираше џез на Уметничката академија во Грац кај реномираниот професор Харалд Нојвирт.

Неговата музика беше дијалог меѓу меланхолијата и надежта. Со исклучителна чувствителност, знаеше како да „каже сè“ без зборови – преку клавишите на пијаното. Покрај соло албумите и бројните соработки, токму албумот во чест на неговиот татко се смета за еден од неговите најлични и најдлабоки изрази на љубов и благодарност.

Музичкиот свет изгуби уметник од светски ранг, но делото на Матија Дедиќ останува како сведоштво за тоа што значи искреност во музиката. Нека е вечна славата на неговата душа, а неговите ноти нека продолжат да нè водат низ светлината и тагата.

Фото: Јутјуб принтскрин

Извор: 24музика

 

To top