Мегафон

Почина еден од најплодните текстописци Миодраг Ж. Илиќ

Почина еден од најплодните текстописци Миодраг Ж. Илиќ

Почина Миодраг Ж. Илиќ, еден од најплодните и највлијателни текстописци на народната музика на овие простори, оставајќи зад себе импресивно музичко наследство од повеќе од 4.000 напишани текстови.

Во текот на својата долга и богата кариера, Илиќ соработуваше со најголемите имиња на народната музика, а неговите песни ги одбележаа кариерите на пејачи како Миослав Илиќ, Драган Којиќ Кеба, Зоран Калезиќ, Шабан Шаулиќ и многу други. Неговите стихови беа препознатливи по емоцијата, животните теми и искрената народна поетика, поради што публиката лесно се пронаоѓаше во нив.

Миодраг Ж. Илиќ е роден во 1950 година во Шабац. Иако студирал економија во Сараево, во текот на седумдесеттите години целосно се посветил на светот на народната музика, каде што брзо го пронашол својот израз и оставил длабока трага. Од тој момент па натаму, неговото име стана синоним за хитови што траат со децении.

Меѓу најпознатите песни чиј текст го потпишува се: „Божанствена жено, све чу да ти дам“, „Плаво око плакало је“, „Добро вече изгубљена надо“, „Лепотица града“, „Дођи под мој прозор“, „Свирајте ми за Жељану“, „Верна у љубави“, „Стани да се поздравимо“, „Изађи на пет минута“, „Бољна ти лежим“, „Родио се син, мали господин“, „Плитак поток, а вода дубока“, „Бол до лудила“ и многу други незаборавни наслови.

Покрај народната музика, неговите стихови се наоѓаат и во бројни забавни песни, препеви и обработки на изворни композиции, како и во филмската музика, што дополнително го потврдува неговиот широк авторски опсег и влијание.

Со заминувањето на Миодраг Ж. Илиќ, музичката сцена изгуби голем поет на народната душа, но неговите стихови ќе продолжат да живеат преку песните што со години се пеат, слушаат и пренесуваат од генерација на генерација.

фото:Facebook

To top