На 72-годишна возраст почина Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на култнта рок ен рол група „Рибља чорба“. Неодамна беше примен во болница во Љубљана со тешка пневмонија. Се лекувал со антибиотици и кислород, а по неколку дена поради влошување на состојбата бил ставен на респиратор. Инаку, тој долго време се бореше со тешка болест. Музичарот пред Нова година имал пневмонија, поради што го откажал концертот во Ниш. За жал, Бора не успеа да ја добие битката со тешката пневмонија.
„Почитувани пријатели, Со тага и жал ве известуваме дека не напушти нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ. Почивај во мир драг наш Боки“ – стои во кусото соопштение на членовите на бендот кое тие го споделија на нивната Фејсбук страница.
Бора Ѓорѓевиќ е роден во 1952 година во Чачак. Основното училиште завршил во родниот град, а по проблеми со законот бил исфрлен од средното училиште. Неговите родители тогаш, за да се спасат од „срамот“ што им го предизвикал, решиле да се преселат во Белград. Таму Бора завршил во петтата белградска гимназија и се запишал на Правниот факултет. По две години сфатил дека оваа професија не е за него, па се обидел да влезе на Факултетот за драмски уметности во Белград. Никогаш не бил примен за глума, па се запишал на организација на ФДУ. Групата „Рибља чорба“ ја оформил во 1978 година. Во повеќе од 45 години од нивната кариера, тие имаат снимено 20 студиски албуми и осум изданија во живо. Последниот албум „Да тебе није“ го издаде Сити рекордс.
Во Словенија живееше околу десет години, каде што се оженил по трет пат.
„Спуштив сидро во мирна Љубљана и одлично се забавувам со Дубравка, жената што ја сакам. Нема поголема среќа од тоа да сакаш и да бидеш сакан. А најдоброто е што мојата последна љубов се согласи да се омажи за мене. Таа ќе биде млада, а јас ќе бидам стар, така со право ме нарече. Се венчавме на 25 мај, на Денот на младоста, во Санторини, Грција“ – изјави тогаш Бора за „Стори“.
Ѓорѓевиќ за себе велеше дека е прво Србин, па дури потоа рокер. На 15 февруари 2021 година, писателот и музичар беше одликуван со орден Караѓорѓева ѕвезда од прв степен. Зад себе го остави синот Борис, кој го доби со првата сопруга Драгана, која му беше љубов од средното училиште, но по нивниот развод таа неможејќи тоа да го поднесе си го одзеде животот.
Фото: Facebook/Riblja Čorba