Денес навистина дојдоа некои чудни времиња во кои разно-разни ликови стануваат лажни ѕвезди… Откритие „без покритие“! Или барем не заради своите успеси и достигнувања, туку заради присутноста во медиумите по други основи. И така, ни криви ни должни „ликовите“ стануваат главни и славни, а ти оди отепај се од работа, минувај низ „сцили и харибди“, пат по трње за да стигнеш до врвот и направиш успех, а тие… пак попознати и попопуларни од тебе!
Дали е тоа така само кај нас или светот се превртел наопаку? Конечно дали е тоа само нечија фикција во непрепознавањето на суштината на измамата или тоа се само поедини исклучоци, а правилото е сосема поинакво? Поточно, онакво какво што треба да биде: „Нема леб без мотика“, што би рекле старите односно нема врвен успех без тешка и напорна работа, многу труд, знаење и безброј откажувања“…
Дека тоа е така или онака, деновиве искуси познатиот актер, музичар, маратонец… лидерот на „Меморија“ – Петар Георгиевски, познат како Перо-„Камиказа“. Тргнал да извади нова лична карта, па Перо дошол да си обезбеди документ за лична идентификација во просториите на МВР. И тоа се’ по протокол, без фаќање врски. Регулар, што би рекле.
Изненаден дека точно во минута го повикале да влезе внатре, па откако тоа го сторил една млада дама во својство на службеничка му побарала да се идентификува. Во тој момент во просторијата влегле и двајца нејзини колеги кои веднаш го препознале и… Тука тргнува заплетот на приказната за тоа: Кој е попознат и пославен… Лидерот на македонската музичка легенда или некои други со поинаква агенда?
Целата приказна Перо – Камиказа ја споделил социјалните мрежи, поточно на својот Фејсбук профил, па еве ја во продолжение со едно образложение или поточно, наравоучение: Не важно колку си познат, многу е поважно по што те знаат, познаваат и паметат? Ама не е само до луѓето… Многу повеќе е до системот!
А Перо, како Перо… Не џабе е „Камиказа“… Иако на сите им е јасно кој е и што е и самиот мораше да провери, дали е лик само за на лична карта или… лик за сите времиња!?
„Лична карта“
„Поради презафатеност со концертот, конечно денес добив датум за вадење лична карта! Одам , пополнувам формулар, и види чудо точно во 12 и 30 го слушам моето име. Точно во минута. Влегувам да се сликам и една млада девојка ми ги бара старата лична карта, и штотуку пополнетиот формулар. Од другите места за сликање пристигаат двајца нејзини колеги и ја прашуваат дали ме препознава?! Цурава вика , немам појма кој е човекот. Искрено. Ама, едниот од дечкиве бил на неодамнешниот концерт и и вели: Перо Камиказа ти е човекот од Меморија , каква свирка направија пред месец дена, за историја. Момево си ја брка работата, па другиот и вели: Оган под звездите, Дирлада ти значат нешто?! Е да де едната по свадби ја утепуваат, а другава на свирки со друштво по кафичи ја пееме обавезно?! Пробува да и каже уште нешто, ама јас го прекинувам. Ја прашувам: го знаеш Артан Груби? Вели да. Зоран Заев продолжувам, она вели да де оној што беше премиер. А Боки 13?! Вика е да де, како не! Овој едниот благо речено се наљути па и повторува, сите овие ги знаеш, а овој што ќе го сликаш не го знаеш?! Перо Камиказа ма, песниве се од него и неговиот бенд ! Ја смирувам топката и викам дека можеби сум подостарен па затоа не ме препознала, се смееме сите, се сликам и си заминувам . Јас веќе не сум изненаден од тоа дека не мора сите да ме сакаат и препознаваат, ама дека овие примадониве ги знае а мене не, малку ме збуни. По сончевиот ден се изгубив пеш, да си ја избистрам главата, а по пат, па се до дома, девојчево го демантираа едно чудо луѓе со кои застанав да разменам емоции и думи, за неодамнешниот концерт. Ќути си велам, не е се така како што ми се причини на момент“ – споделил Камиказа на ФБ.
Фото: Фејсбук/Petar Georgievski – Kamikaza