Мегафон долгорочна соработка

Пајак го најави својот првиот студиски албум со Ивајо и Урбан Рекорд

Пајак го најави својот првиот студиски албум со Ивајо и Урбан Рекорд

Македонскиот артист Христијан Настески – Пајак, кој последниве години интензивно ја освојува домашната музичка сцена, официјално го најави својот прв студиски албум, чиј излез е планиран за март или април 2026 година. Веста ја потврди за Музика24, откривајќи дека проектот е веќе во напредна фаза.

„Албумот е веќе во подготовка. Некаде март или април следната година би требало да излезе. На новиот албум ќе има скроз нови песни, а го подготвуваме заедно со Иван Јованов – Ивајо, додека видеоспотовите за секоја песна ќе ги направи Урбан Рекорд – Гордан Божиновски“, изјави Пајак за музичкиот портал Музика24.

Дебитантскиот албум ќе содржи целосно нов материјал, а тимот што стои зад него е истото продукциско трио кое последните години испорачува модерни, радио-прифатливи и визуелно впечатливи проекти. Соработката со Ивајо на продукциски план и Урбан Рекорд на визуелниот дел дополнително го зголемуваат интересот околу изданието.

Во моментов, Пајак е актуелен со својот најнов сингл „Дали ќе ме сакаш“, овојпат во соработка со Слаткаристика. Песната и видеоспотот за само шест дена собраа над 243.000 прегледи, што уште еднаш го потврдува растечкиот интерес на публиката за младата музичка ѕвезда.

Со ваква динамика и со најавениот албум што пристигнува напролет, Пајак продолжува да го зацврстува своето место на македонската музичка поп сцена и да привлекува сè поголемо внимание и од домашната, и од регионалната публика.

Фото: Инстаграм/pajak.ur

To top