Хрватската ѕвезда Миа Димшиќ го објави спотот за темата „Општествени правила“ („Društvena pravila“), создадена во соработка со легендарниот гитарски виртуоз Влатко Стефановски.
Видеото е снимено низ шармантните скопски улици, истото зрачи со урбана естетика која во комбинација со стиховите на Миа создава атмосфера на личен отпор и размислување за општествените норми. Режијата ја потпишува Ива Чаиса од „Croatia Records“, зад камерата се најде нашиот Александар Ристовски, додека Дамир Бачиќ е извршен продуцент на спотот.
За престојот во Скопје, Миа вели: „Снимањето на спотот во Скопје беше прилика добро да го запознам градот, но пред се одлично се забавував. Со Ива Чаиса како режисер и Александар Ристовски пред камера, го изодев градот долж и попреку, а го посетив и студиото на Влатко Стефановски, кој се појавува на крајот од видеото. Македонците се прекрасни луѓе и се надевам дека во иднина ќе има повеќе можности за посета на Македонија. Горда сум на песната Општествени правила и се надевам дека овој спот ќе и даде дополнителна димензија“.
Преку текстот и изведбата, Миа храбро ги истражува површните непишани правила и предизвикот на конфронтирачките конвенции. Новиот сингл ја открива нејзината бунтовничка страна, фокусирајќи се на притисоците и цензурата со кои многумина се соочуваат. Песната „Општествени правила“, според која е насловен нејзиниот најнов албум во издание на Croatia Records, критички ги осветлува нормите кои самата Миа ги доведува во прашање, а овој искрен пристап ја истакнува како глас кој не сака да остане неслушнат.
„Општествените правила“ носат звук од дури три студија – White Stone Productions во Риека, Croatia Records во Загреб и студиото на Влатко Стефановски во Скопје.