НУ Драмски театар Скопје со претставата „Гидионовиот јазол“ вечерва (24 август) ќе гостува на Бриони во Хрватска каде што театарот „Улисис“ е домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри (РУТА). Претставата ќе биде изведена во Летното кино во 21 часот.
„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е претстава работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска, а улогите ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.
Гостувањето на Бриони ќе биде дваесетта изведба на претставата, која досега гостувала на неколку фестивали низ Македонија, како и во регионот на сцените на театрите членки на РУТА. На минатогодишниот 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Корин Фел ја доби наградата за високо актерско достигнување.
Режисерка Драгана Милошевски-Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата ‘Гидионовиот јазол’ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството.
На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.
Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации.
Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.
Претставата „Гидионовиот јазол“ е на редовниот репертоар на Драмски театар од премиерата која се одржа во мај минатата година.
фото:НУ Драмски театар Скопје






