Фестивалот Танц-Фест Скопје 2024, годинава, под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“ го прославува јубилејот 20 години постоење. Во својата програма, за ова јубилејно издание, фестивалот презентираше повеќе домашни и странски кореографи на повеќе сцени низ градот, кои ќе беа дел од повеќеслојната програма, која дава осврт на современата танцова сцена.
Јубилејната прослава на фестивалот ќе се одржи на 30 април, на сцената на Македонскиот народен театар, со претстава на Скопје танцовиот театар и кореографии на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска. Воедно, вечерта ќе се додели Наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на балетскио уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет.
На 11 мај на сцената на Македонскиот театар ќе се прикажат две кореографии, „Блокови“ на Дејан Битровски и „Табу република“ на Бобан Русески.
Танц Фест Скопје 2024 во склоп на јубилејната програма, од 13 до 17 мај ја вклучува програмата Moving Balkans, во која учество ќе земат уметници од 11 земји: Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и Македонија, со кореографи и професори од Холандија и Италија.
На 13 мај во Младинскиот културен центар ќе имаме можност да ја видиме претставата „Импулс“ на Скопје танцов театар 2, во која ќе настапат студентите при Катедрата за современ танц и Балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Годинешното издание ќе заврши со претставата „Мозаик“ на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните Олимписки игри во Париз, Мурад Мерзуки, кој нашата публика го памти по претставата „Пиксел“. Фестивалот, гостувањето на Мурад Мерзуки го остварува преку соработка со Францускиот институт во Скопје, кој со претставата ќе ја започне програмата за прослава и одбележување 50 години постоење во Скопје, со што ќе се одбележи и соработката која Францускиот институт ја има со Интерарт културниот центар во изминативе триесет години.