„Со огромна радост и гордост го славиме 13-от роденден на „Музика24“. Од самите почетоци, „Музика24“ се стремеше да биде повеќе од обичен портал. Со посветеност и ентузијазам, станавме место каде љубителите на музиката можат секојдневно да најдат свежи вести, ексклузивни интервјуа со најголемите музички имиња, најави за концерти и фестивали, како и рецензии на нови музички изданија. Нашата љубов кон музиката нè инспирираше да ја истражуваме не само македонската музичка сцена, туку и да погледнеме надвор од границите. Во изминатите 13 години, имавме привилегија да присуствуваме на најголемите музички настани во регионот и светот, да пренесуваме искуства од меѓународни фестивали и да ви ги донесеме најактуелните вести директно од изворот. „Музика24“ е многу повеќе од портал. Тоа е заедница која ги поврзува музичките фанови со нивните омилени уметници, настани и трендови. Со нашите редовни објави, интервјуа, промоции и ексклузивни фотографии, го одржуваме жив духот на музиката во Македонија. Нашата историја е богата, но иднината е уште поветувачка. Со нови проекти, содржини и иновации, „Музика24“ ќе продолжи да биде ваша дестинација за музички вести. И понатаму ќе бидеме вашите очи и уши на секој значаен музички настан, со нова енергија и визија за модерно информирање. Овој успех не би бил можен без нашите читатели, музички фанатици, поддржувачи и соработници. Вие сте нашата инспирација и причината што ја одржуваме оваа љубов кон музиката во овие 13 години заедничко дружење! За многу нови концерти, хитови и моменти што ќе ги паметиме. Ви благодариме што сте дел од „Музика24“ и што ја споделувате нашата страст кон музиката. Нека продолжи музиката!“ – порачуваат колегите славеници. Нека им се множат и годините и успесите!