Радио Милева Универзитетски примитивизам

Мирјана Најчевска го извреѓа Петар Богојевски, па стана и си замина од дебатната емисија „Само вистина“: „Глуп си како точак…!“(ВИДЕО)

Мирјана Најчевска го извреѓа Петар Богојевски, па стана и си замина од дебатната емисија „Само вистина“: „Глуп си како точак…!“(ВИДЕО)

Вчеравечер, вторник, 21 јануари 2025 година во вечерното издание на политичката дебатна емисија “Само вистина“ која се емитува на фреквенцијата на Канал 5 телевизија се случи скандал. И тоа оној налик на оние естрадните што ги гледаме по разни ријалити програми во регионот, кога разно-разни „издрндани“ старлети и останатиот непрокопсан полусвет се расправаат со највулгарни зборови, разменувајќи си дузина долни навреди, клетви и закани, па дури и клоци, плуканици, шлаканици и тупаници!

Речиси  на тоа дереџе, што не доликува на нивото на двајца универзитетски професори и политички активни лица се сведе вчерашната дебата помеѓу проф. Мирјана Најчевска и проф. Петар Богојевски во вчерашната ТВ емисија. Крајот делото го краси, ама овде делото го изгнаси откако ТВ гледачите беа сведоци на политичка естрада, зачинета со универзитетски примитивизам, професорски простотилак, навреди и дисквалификации … Небаре во „Само вистина“ гледаме реално шоу полно со „гнасни комплименти“, а не судир на мислења на два универзитетски лика со издржани аргументи!

Најчевска подлегна на провокацијата, па видно изнервирана не можеше да се воздржи да не бира што кажува, обраќајќи му се на Богојевски со зборовите: „Глуп си како точак“!

На ова реагираше новинарката – водител на емисијата Елизабета Галевска, со опомена до гостите да се воздржат од дисквалификации, но жестината во препукувањето не стивна, па Богојевски и возврати на Најчевска: „Вие се изгубивте и не знаете што говорите… Искренио ми е жал за вас!“

Тензијата меѓу нив двајцата кулминираше до таа мерка што Најчевска не издржа, стана го симна буба-микрофонот од себе, обраќајќи и се на домаќинката друг пат да најде соодветен соговорник за неа.

Зашто, како што самата рече обраќајќи му се на Богојевски:  „Ја со глупи како тебе не можам да дебатирам… Овој е глуп човек… Глуп човек…“ –  Најчевска гласно го окаректеризира Богојевски додека стануваше од столчето и со брзи чекори замина од кадарот и го напушти студиото!

Погоре е извадок од „срамниот момент на вистината“, а во продолжение и целата емисија ОВДЕ:

Фото: Јутјуб принтскрин/Само вистина

To top