Болката, жалот и тагата од трагедијата во Кочани никако не стивнуваат… И додека истарагата тече и се развива, а клопчето на вина полека почнува да се одмотува, не стивнуваат ниту одеците и реакциите на јавноста. Од обичните граѓани, преку естрадните уметници, па се до останатите јавни личности кои ги искажуваат својот револт, сочувство, ставови, мислења, искуства…
Една од оние најгласни „гласноговорници“ на социјалните мрежи секако е и највлијателната македонска инфлуенсерка Миа Костова. Отсекогаш „без влакна на јазикот“ кога се работи за „трулежот во системот“, Миа била меѓу првите кои отворено го зборувале она што другите го премолчувале, тивко шепотеле или разменувале, ама само меѓу себе.
Така и овој пат, своето влијание на социјалните мрежи Миа реши да го искористи за две нешта споени во еден пост. Како прво да го сподели своето искуство од мимнатото, кога работеше како менаџерка во еден од најпознатите скопски ноќни клубови, култниот „Хард Рок’“, но и гласно да го искаже својот револт од вперување на прстот на вина во оние кои не се или можеби најмалку се виновни за трагедијата во Кочани. При тоа гласно да каже и порача дека со т.н. „наведување на вината на туѓ грб“ само се дефокусира јавноста од одговорноста на вистинските виновници.
Еве што порача Миа Костова во јавноста откако во свој стил „распали“ по оние кои изгореа една цела генерација…
„Како некој кој цела младост ја помина во диско на работа, 4 пати во неделата работев во диско клуб кој во тоа време имаше тројца газди кои имаа многу пари од свои бизниси никако неповрзани со заработка од клубот.
Освен што Хард Рок на капацитет од 800 луѓе имаше 4 излези, означени и при гасење на струја видно обележани, работеше по стандарди кои не постојат веќе 20 години. Се пријавуваа во полиција дури и танчерки од Србија.
Зборот ми е, обезбедување имало по 20-30 луѓе на вечер, на секоја точка и внатре и надвор.
Обезбедувањето НИКОГАШ немало ингиренции за барање лични карти, тоа сум го правела јас како менаџер ако се посомневам во нечија возраст иако во тоа време толку мали деца не излегуваа воопшто во таков клуб. Кога ќе дојдеше инспекција во канцеларија топови хартија се проверуваа по 3-4 часа.
Обезбедувањето не може да сноси кривица за малолетници еве и зошто, дури и да го врати од врата, ќе излезе газдата и ќе рече ‘пушти го бе на Горан му е син’ и? Што ќе рече обезбедувањето: не може? не смее?
Проблемот е во големиот газда, потписите на лиценците, и сите оние кои нешто дозволиле, клопчето да се одмота до последниот еден кој било што дозволил, не прегледал, не установил грешка или свиркал со години додека шупата млатела пари.
Обезбедувањето работи за 20 евра дневница и нема никаков глас во однос на газдата и неговите барања или насоки.
Оставете ги луѓето на мира сосе пиротехниката која ако ми ја донесеш дома во дневна ќе ти речам дека овде не може да ја палиш.
Проблемот е кај оние што се загоени од храна во првите 3 месеца откако ќе седнат во топла фотеља. Тие сите еден по еден да си полежат, овие другиве се колатерална штета. Секој еден потпис треба да е во Шутка.
На сета тага, болка и траор, не мора да патат и деца и фамилии на луѓе кои немале друг избор освен да слушаат што ќе каже газдата. При тоа, спасиле нечии деца.
Искрено верувам дека работите после ова ќе се сменат еднаш засекогаш и дека вистинските кривци за оваа трагедија ќе сведочат од зад решетки за еден подобар систем кој треба да почне од секој поединец.
А кој е следен? Следни сте сите вие што во најтешкото сакате дестабилизација за фотељи кои не ги заслуживте и тоа го докажавте што после режим нѐ спуштивте во дупка толку длабока да не може да се откопаме“ – сподели Костова на својот Фејсбук профил.
Фото: Фејсбук/Миа Костова