Промотер

Марија Спасовска има „Минато“ што ветува блескава иднина (ВИДЕО)

Марија Спасовска има „Минато“ што ветува блескава иднина (ВИДЕО)

Марија Спасовска има „Минато“ што ветува блескава иднина. Имено, „Минато“ е насловот на нејзината нова песна, во која  младата македонска пејачка продолжува да го турка својот омилен стил како сопствен израз во музичкиот  правец кој најмногу и лежи. Овој пат во своевидна модерна ар ен би балада која преминува во побрз ритам, за потоа одново да заплови во помирни музички води.

Емотивна во изведбата како и во стиховите на кои како и на музиката Марија и самата е автор, само ја надополнува нејзината слика на изведувач кој покрај несомнените вокални квалитети и  впечатливата експресија во интерпретацијата, се наметнува и како се’посериозен автор. Засега само на своите песни, а во иднина која да знае… На сето тоа се надоврзал и познатиот композитор и музичар Николче Мицевски, кој со својата аранжманска бравурозност ја обоил целата мелодија, пакувајќи ја во едно модерно музичко парче кое и тоа како кореспондира со современите музички текови.

Како и за сите останати песни досега и најновата „Минато“ е визуелизирана со видеозапис, чија режија овој пат ја потпишува Горан Симјаноски/Gogorzr. Во него младата поп уметница дополнително ги искажува и своето несомнено актерско умеење, вешто преточувајќи и улогите кои моменталниот музички израз и стиховите во одреден дел од песната тоа од неа го бараат… Од љубов и среќа, до болка и очај, од блаженство до разочарување… Актерска експресија која дополнително им дава впечатливост на песната и видеото како еден своевиден аудио-видео пакет, една комплетна музичка целина.

Во сето тоа своја улога на нејзин партнер има и младиот модел Андреј Димоски, кој заедно со Марија ја водат замислената фабула во оваа музичка приказна.

Како сето тоа звучи и изгледа, проследете од видеото во продолжение…

 

To top