Курт Елинг, еден од најдобрите џез вокали на сите времиња, двократниот добитник на наградата „Греми награда“, доаѓа во Скопје, на концерт со Националниот џез оркестар, кој ќе се одржи на 15 мај во Македонски народен театар (МНТ) во 20 часот.
„Овој концерт со нетрпение го очекувавме“ – велат од Националниот џез оркестар.
За Елинг „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“
Според „Вашингтон Пост,“ од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека ББС Артс оценува дека тој ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.
Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).
Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.
Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми.