Шведската маса отсекогаш била на самиот врв на угостителството и со текот на времето стана симбол на луксуз, квалитет и врв на понудата во рестораните и хотелите, своевиден храм за апетитите на гладните гости.
Меѓутоа, денес, во ера на одржлив и одговорен бизнис, сè повеќе хотели размислуваат да ја укинат оваа форма на појадок или вечера, со цел да го намалат отпадот и непотребното фрлање храна. Што ќе се случи со бескрајната низа деликатеси на масите кои отсекогаш сме ги сакале?
Шведската маса е вид на оброк кој се состои од неколку подготвени топли и ладни јадења кои се служат на голема маса или пулт. Гостинот сам се послужува и зема што и колку сака. Оваа форма на услуга дефинира и квалитет и квантитет.
Токму тоа што гостите сами се послужуваат, и обилно послужената храна, ќе ја одреди нејзината иднина. Луксузното, но пред сè обилно искуство со шведските маси ќе мора да се прилагоди на времето што претстои и сигурно нема да биде исто.
Покрај тоа што гостите обично земаат неколку пати повеќе храна отколку што можат да изедат, што на крајот се фрла од чиниите, таков е случајот и со храната сервирана на масите. Вработените во хотелите или рестораните ги отстрануваат остатоците од храната од шведските маси, главно недопрени и свежи, и ги фрлаат во канта. Храната е преработена и сервирана и повеќе не може да се користи поради строгите прописи за безбедност и чување на намирниците. Приближно 19% од храната достапна за потрошувачите се фрла во малопродажба и угостителство.
Како хотелите и рестораните можат да го намалат фрлањето храна?
Законите за безбедност на храна наметнуваат строги прописи за хотелите. Секој прехранбен производ што е изложен за консумација, а не го консумира гостинот, се фрла со цел да се ублажат потенцијалните здравствени ризици.
Со цел нивниот појадок или вечера да биде поодржлив, некои хотели целосно ја укинаа формата на шведска маса. Некои едноставно никогаш не ги вратија шведските маси откако коронавирусот го прекина постоењето на таквите „станици“ за храна, според „Euronews“.
Сепак, готвачот со Мишелин ѕвезда, Масимо Ботура, вели дека има многу предности во шведската маса за гостите и дека има начини таквата услуга да се направи поодржлива. Шведската маса, не само појадокот или вечерата, се одличен начин да им се понуди на гостите целосен вкус на локалната традиција, вели Ботура.
Во неговата кујна, вишокот и преостанатата храна е всушност можност готвачите да ја искористат својата креативност и да направат нешто ново од храната што се враќа во кујната, наместо да се фрла. Покрај тоа, во неговата кујна „Casa Maria Luigia“ во Модена се преземени чекори кои вклучуваат понуда на помали чинии на гостите, намалување на големината на порциите на колачи и лебови и давање совети на гостите кои ќе им помогнат во избирањето на соодветни порции.
Ботура исто така препорачува хотелите да имаат места опремени за готвење во живо, каде оброците се подготвуваат пред гостите. Ова е забавно искуство за гостите, но значи и намалување на вишокот на претходно подготвена храна. Секој гостин добива свежо подготвена соодветна порција храна.
Денес, овој тип на услуга се трансформира во хибридна варијанта на самопослужување, потпомогната од стручни лица кои ја пакуваат избраната храна во чинии. Двојна работа, би рекле многумина, но тоа е единствениот начин да се надмине кризата. Вие избирате, тие ве служат.
Со оброците во чинии, намалувањето на фрлањето храна е малку полесно. Големините на порциите на чиниите може внимателно да се дефинираат со управување со храна и пијалаци за да се сведе вишокот на минимум. Во случаи кога и тогаш има остатоци, вишокот храна треба да се донира на реномирани општествени субјекти со кои може да се развијат локални партнерства.
Извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации за количината на фрлена храна за 2024 година покажа дека 1,05 милијарди тони храна отишле во отпад во 2022 година. Овие поразителни податоци само покажуваат колку е итно да се редефинираат приоритетите и да се донесат законски регулативи што е можно поскоро со цел да се стави крај на фрлањето храна и непотребното трошење на вредни ресурси.
извор:точка
фото:Freepik