В понеделник, на 3 јуни во Домот на култура во Ѓорче Петров од 12 часот, ќе се одржи комеморација за неодамна починатиот естраден и спортски менаџер Велибор Џаровски- Џаро.
Настанот симболично се организира на 40-тиот ден од смртта на Џаровски и токму на местото каде што ги организирал првите концерти и игранки. Ќе зборуваат неколку македонски музички ѕвезди и пријатели на Џаро со кои соработувал и се дружел во текот на менаџерската кариера во која организираше 5.000 концерти во поранешна Југославија.
-Како што во Југославија докажував дека Македонија не е културна провинција, така и Скопје го уверив дека ни Ѓорче Петров не е провинција, рече Џаровски во автобиографската книга „Живот на коцка“ која излезе минатата година.
Идејата на овој начин да се сочува споменот на стариот ѓорчепетровец е на Општина Ѓорче Петров и на градоначалникот Александар Стојковски, кои заедно со семејството ја организираат комеморацијата.
„Драги пријатели, во понеделник (3 јуни) од 12 на пладне, во Домот на култура во Ѓорче Петров, ќе се одржи комеморација за Џаро, точно на 40-тиот ден откако физички си замина. Фала на нашите музички ѕвезди и пријатели од естрадата и од градот што прифатија да дојдат и да кажат по некој збор за другар им. (Да не ги најавувам тука, ќе ги видите кои се) Фала на Општина Ѓорче Петров и на градоначалникот за идејата и за поддршката. Повелете сите да се подружиме и да го живееме споменот на Џаро, баш на местото каде што го организирал првиот концерт, во неговото Ѓорче“ – сподели ќерката на Џаро, колешката новинарка Милица Џаровска на социјалните мрежи.