По долго и тешко боледување, на 63 годишна возраст замина една од најтоплите и најпрепознатливи гласови на македонската фолк сцена – Небахат Бади Бекир. Пејачка која со децении ја красеше естрадата со искреност, смиреност и со песна што допираше право во срцето. Важеше за една од најубавите и најнегуваните жени на нашата фолк естрада, русокоса убавица со ангелски лик, препознатлив топол глас и широка емотивна душа. Поради големата физичка сличност со српската пејачка, ја нарекуваа македонската Весна Змијанац.

Во последните 12 години, Бади тивко се повлече од јавноста, по смртта на нејзината мајка која силно ќе ја потресе и погоди. Последните петнаесеттина години беше и сопственичка на фризерски салон, од кој егзистираше не сакајќи да настапува по секоја цена.

Времето безрезервно им го посветуваше на своите најблиски, особено на внуките кои беа нејзина најголема радост. Иако осамена во секојдневието, остана верен пријател и голем човек зад сцената – личност која многумина ќе ја паметат по благиот карактер, дружељубивоста, ведрината и добрината, а не само по гласот.

Нејзиното прво стапнување на сцена ќе се случи уште во детството, како член на играорна група каде ги изучува македонскиот и турскиот фолклор. Вистинскиот музички почеток го прави во 1985 година, кога дебитира на фестивал на забавни мелодии. Од тој момент, започнува нејзиниот пат исполнет со труд, талент и безброј настапи. Паралелно пееше на турски, албански и македонски јазик – реткост која ја претвори во свој личен печат. Најплодниот дел од кариерата го доживеа за време на големите југословенски турнеи, каде нејзиниот глас ја освојуваше публиката низ целиот регион.

По распадот на Југославија, целосно се посвети на македонската фолк песна. Следуваа учества на домашни фестивали, бројни соработки со реномирани автори и значајни настапи. Во 2002 година ја оствари и турнејата во Австралија, оставајќи силен впечаток кај македонската дијаспора.

Две години подоцна стана дел од проектот „Четири грации“, подоцна само „Грации“ каде Бади пееше заедно со Благица Павловска, Росана Сариќ – Тодоровска и Адријана Алачки.
Во 2006 година одбележа 20 години музичка кариера – дваесет години исполнети со емотивни песни, искрени интерпретации и бројни спомени.
Со нејзиното заминување, македонската музика го загуби еден од своите најнежни и најчисти гласови. Бади Бекир остави зад себе богат музички печат и спомени што ќе живеат долго заедно со нејзините песни.

Последното збогување со Бади Бекир е на 21.11.2025, петок, во Џамијата во близина на Општина Бутел во 12 часот. Нека почива во мир и вечна слава на дамата што живееше тивко, но пееше нежно, од срце.
Фото: Фејсбук/Nebahat Badi Bekir



