Модниот дизајнер Џорџо Армани почина на 92-годишна возраст. Неговата компанија ја потврди веста со кратка изјава: „Со бескрајна тага, групацијата Армани ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани“.
Тој беше самопрогласен работохолик, вклучен во секој аспект од својот бренд и модни ревии. По објавувањето на неговата смрт, контролата врз иконската групација Армани наводно ќе биде поделена меѓу шест внимателно избрани наследници, пишува Дејли Меил.

Сега, љубителите на модата се прашуваат кој ќе биде неговиот наследник и кој би можел да го наследи неговото богатство од повеќе милијарди долари.
Кој го наследува богатството?
Компанијата заработувала 2,7 милијарди долари годишно, а империјата на Армани вредела повеќе од 12,1 милијарди долари, вклучувајќи облека, модни додатоци, мебел, парфеми, козметика, книги, цвеќиња, па дури и чоколади.
Во август, Армани изјави за „Фајненшл тајмс“ дека сака неговите колеги и семејство да бидат меѓу неговите наследници. Армани, кој имал врски и со мажи и со жени, немал деца и никогаш не се оженил.

Извештаите на компанијата и медиумите сугерираат дека меѓу неговите наследници се сестрата на Армани, Розана, неговите две внуки, внук, неговиот партнер и десна рака Лео Дел’Орко и хуманитарна фондација.
Овие наследници веќе се членови на одборот на директори на компанијата и наводно ќе добијат акции според статутот што Армани го воспостави во 2016 година. Неговите внуки и внук имаат високи позиции во луксузната модна куќа.
„Моите планови за наследување се состојат од постепен пренос на одговорностите што отсекогаш сум ги извршувал на оние што ми се најблиски“, рече Армани во тоа време, именувајќи го Дел’Орка, кој го води машкиот дизајн, како и неговото семејство и целиот работен тим.
Foto: print Screen/Instagram







