Мегафон Ангелот ќе биде овековечен

Ќе се снимаат филм, документарец и серија за животот и делото на Тоше Проески

Ќе се снимаат филм, документарец и серија за животот и делото на Тоше Проески

Министрите за култура и за дигитална трансформација, Зоран Љутков и Стефан Андоновски, најавија нов проект посветен на животот и делото на македонската музичка легенда Тоше Проески. Ќе се снимаат игран филм, документарец и телевизиска серија во неколку продолженија кои ќе го проследат неговиот живот и мисија.

Стефан Андоновски, во утринското гостување на МТВ најави дека по иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, МДТ ќе одвои 95 милиони денари за снимањето на филмот за Тоше Проески. Министерот истакна дека ова е еден од најзначајните проекти кој ќе го одбележи животот на најголемата современа македонска ѕвезда.

“Идејата потекна од МРТВ и копродукции од Македонија и Балканот, но секако инспирацијата, иницијативата, главно ја предводеше претседателот на Владата Христијан Мицкоски, и во координација со министерството за култура и со министерството за финансии, во експресно брза постапка се обезбедија средства”, истакна Андоновски.

Ќе се снимаат игран филм, документарец и ТВ-серија посветени на нашиот Тоше Проески. Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, копродукциски ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот, а финансиските средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитална трансформација.

“Проектот ќе го ко-финансираме со повеќе од 95 милиони денари, во копродукциски формат и мислам дека ова ќе биде нешто на кое што ќе се гордееме наредните 2 години, прво во подготовката, во снимањето ќе биде искуство за сите нас. Се радувам на тоа што оваа Влада еден од првите чекори што ги прави во првите шест месеци е нешто вакво, да се одбележи, да се остави печат за идните генерации, славејќи ја најголемата македонска музичка икона- ангел чувар на македонската нација”, заклучи Андоновски.

Проектот ќе се одвива во наредните две години, прво во подготовка, а потоа и во снимање.

„Согласноста од семејството на Тоше е потврдена и ние сме подготвени да ја разоткриеме неговата приказна“, додава Љутков.

 

 

To top